Македонија

Ниту со закани ниту со уцени нема да потпишам штетен договор

Претседателот нема да го потпише договорот за името. Штетниот Договор кој е единствен во историјата и политичка дивоградба нема да биде потпишан од мене , кажа денеска Иванов

13.06.2018 19:33:56
  Претседателот нема да го потпише договорот за името.  Штетниот Договор кој е единствен во историјата и политичка дивоградба  нема да биде потпишан од мене , кажа денеска Иванов во своето обраќање. Преговорите со Грција се воделе нетранспарентно и неодговорно а патриотизам не можеле да бидат чекорите со кои се крши Уставот, Законите и се рушат државните институциите. Овој договор не предвидувал само промена на името, туку и промена на преамбулата во Уставот, сите членови од Уставот каде се споменува името Македонија и термините кои се произлезени од името. 

-  Дали е патриотизам да се менува преамбулата и да се избрише државно правниот континуитет на Република Македонија, Крушевската Република и АСНОМ? Дали е патриотизам бришење на членот од Уставот за заштитата на македонското малцинство во соседните земји?  Дали е достоинствено да се информираат сите членки на Обединетите Нации дека сте го промениле уставното име? Дали е достоинствено да ги прифатите сите грчки барања и ултиматуми? Дали е лидерство да се прифати текст на договор во кој нема никаква правна сигурност и гаранции за македонската страна?, рече Иванов

 ЕУ и НАТО не смееле да бидат алиби за овој лош договор, кој бил поразителен и со него се отворале многу повеќе прашања и проблеми кои би донеле големи последици по македонската држава и народ. Претседателот повика да престане да се злоупотребува остварувањето на стратешки цели и определби на државата.  Грција успеала да ги исполни своите максималистички барања а тоа што го направила  со Македонците во Грција,  сега преку овој договор, настојувала да го направи со Македонците во Македонија, кажа Иванов и  го повика народот да го негува идеалот на непокорот.

- Го повикувам македонскиот народ каде и да се наоѓа да не се плаши.  Не ја губете вербата во себе. Чувајте го и негувајте го нашиот многувековен идеал на непокорот. Мојот став е конечен и нема да ме поколебаат со никакви притисоци, уцени и закани. Нема да поддржам и потпишам ваков штетен текст на договор,кажа Иванов

 Денеска Иванов  имаше само 2 минутна средба со Заев и Димитров. Претседателот одбил да ги сослуша премиерот и министерот за надворешни работи, - воопшто не сакал да разговара, само побарал да ја остават писмената верзија на договорот и заминал. Денеска тој оствари и едночасовна средба со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. 

Лепа Џундева