Македонија

Грчки нон пејпер: Голема победа на Грчката дипломатија, ерга омнес немаше никогаш порано во преговорите

Грчката влада се фали дека уставните промени се џиновска победа за Грција, бидејќи во изминатите 20 години ниту една македонска влада не се согласила да го смени својот устав во рамки на меѓународен договор

12.06.2018 23:20:40
Грчката влада реши проблем кој ги обременува грчката дипломатија и грчкото општество повеќе од 25 години. Истовремено  промовира стабилност и кооперативност во екстремно критичен период за регионот, подигнувајќи ја нејзината улога како европски столб на мирот, безбедноста и развојот на Балканот. Вака започнува нон пејперот на грчката влада во кој таа ја фали победата на грчката дипломатија со денешното прифаќање на промена на уставното име на нашата земја од страна на премиерот Заев и неговата Влада. Во нон пејперот се дефинираат сите придобивки од Договорот кој на грчката јавност и се презентира како ултимативен успех и влог во националната иднина. Договорот, се додава, не само што дефинитивно и неповратно го решава проблемот со името, обезбедувајќи дипломатски капитал за другите големи проблеми на грчката надворешна политика, туку го решава на најдобар можен начин, во служба на националните интереси и со експлицитно осигурување на позициите на земјата.

Договорот целосно кореспондира со националните интереси во комплексните околности. Прифаќањето на ерга омнес е голем дипломатски успех за Грција, бидејќи севкупната употреба не беше прифаќана како основа за преговори во минатото. Ова значи дека соседите не само што ќе го користат новото име во меѓународни рамки туку и за внатрешна употреба. Името Република Северна Македонија му става крај на иредентизмот кој постои во името Република Македонија кое беше уставно име на соседите и кое веќе беше признаено од повеќе од 140 земји, меѓу кои САД, Русија и Кина. Владата не само што успеа да издејствува ерга омнес туку и наметна на соседната земја тоа да влезе директно во уставната ревизија – се вели во Нон пејперот.

И понатаму во текстот грчката влада се фали дека уставните промени се џиновска победа за Грција, бидејќи во изминатите 20 години ниту една македонска влада не се согласила да го смени својот устав во рамки на меѓународен договор. Притоа, се наведува, на Грција и е осигурано да го ратификува Договорот дури откако уставните промени во соседната земја ќе бидат целосно имплементирани. Поканата за во НАТО и отворањето на преговорите со ЕУ ќе се случат дури откако ќе дојде до уставни промени а поканата, експлицитно се наведува, ќе биде повлечена доколку не се исполнети сите поставени услови за македонската страна.

Со овој Договор си ги враќаме назад нашата историја, нашите симболи и традиција, бидејќи со него соседната земја јасно ги прифаќа разликите меѓу Грчка Македонија и нејзината античка грчка култура со јазикот и регионот и луѓето на таа земја со нивна историја, и нивни лингвистички и културни карактеристики. Името пак ќе доживее неопходна измена во македонскиот устав а повеќе од 140 земји ќе ја признаат повторно, овојпат како Северна Македонија. Ова име целосно ја разделува нивната земја од Грчка Македонија и нејзините региони – се додава во нонпејперот.

 Владата на Ципрас појаснува дека гаранциите за сево ова се дадени на најексплицитен начин со елиминирање и превенција на сите видови на ирационална реторика и акции, без разлика дали доаѓаат од јавни или приватни ентитети. Тоа значи дека сите ирационални референци ќе бидат избришани од уставот на Македонија. На пример, преку бришење на грижата за македонското малцинство во Грција па дури и со бришење на индиректни историски референци со иредентистички погледи од премабулата на нивниот устав. Појаснува дека го признава државјанството на Северна Македонија но се нотира дека државјанството се разликува од етничкото потекло со констатација дека со Договорот не е призната нацијата туку само правото на себе идентификација на државјаните на соседната земја.

Во понатамошниот текст грчките лидери ги потенцираат промените кои веќе се случиле, промената на името на аеродромот, автопатот и стадионот и се додава дека на монументите и бистите во Скопје ќе биде напишано дека се симболи на грчката култура или дека му припаѓаат на хеленистичкиот период, со што ќе станеле симболи на пријателството меѓу Македонија и Грција. Ќе следува агресивна промена на имињата на сите владини и воопшто јавни институции, а сите културни организации ќе се именуваат како да се од Северна Македонија. Ќе биде формирана и експертска група која ќе се занимава со трговските марки од 2019 па во следните три години – се заклучува во нон пејперот на грчката влада.

Драган Милосављевиќ