Македонија

Беса, ДПА и Сојузот на Ромите влегуваат во Влада – Заев жртвува министри за „комотно“ парламентарно мнозинство

Заев ги жртвува позициите во образование и култура, во замена за комотно парламентарно мнозинство. Крилото на Африм Гаши во БЕСА, ДПА и Сојузот на Ромите – се новите партнери во македонската Влада.

15.05.2018 20:44:32
Заев ги жртвува позициите во образование и култура, во замена за комотно парламентарно мнозинство.  Крилото на Африм Гаши во БЕСА, ДПА и Сојузот на Ромите – се новите партнери во македонската Влада. Откако синоќа биле стокмени понудите од премиерот, БЕСА и ДПА на состанок на централните раководства денеска ги финализираат деталите. 

Од  групата на Гаши во БЕСА за Алфа потврдија дека до вечерва треба да одлучат за понудата. Неофицијално Зекирија Ибраими добива министерска позиција во култура, но од партијата ова се уште официјално не го потврдуваат. 

И ДПА на Мендух Тачи ја прифати понудата на Заев - Mинистерството  без ресор за странски инвестиции кое ќе го води Барул Даути, а заменик министер за транспорт и врски ќе биде Митасин Бекири. И двете партии ќе добијат и државни секретари и директори. 

Според премиерот Заев, партијата на Бајрам нема да добие министерско место, туку кадар од неговата партија ќе добие функција во пониските ешалони на извршната власт. Заев очекува до утре да биде завршена целата постапка со новите партнери, а во следните три дена до Собрание ќе биде испратена и листата за формализирање. 

По оставката на Билен Саљији од ДУИ останува празна и позицијата во правда. Неизвесно е дали Рената Десковска од образование ќе направи рокада и ќе прејде во правда или тоа ќе биде место резервирано повторно за ДУИ. Инаку, Зеќирија Ибрахими во јавноста е познат како пратеникот кој ја интонираше албанската химна во законодавниот дом за време на нелегитимниот избор на Талат Џафери за собраниски спикер лани на 27 април.

Засега е јасно дека Алијансата на Села и крилото на БЕСА кое го предводи Биљал Касами остануваат двете албанските партии кои не се дел од владината коалиција, иако замениците министри на Села и покрај излегувањето од Влада продолжија да ги вршат функциите. Села неодамна иронично порача дека не се задоволува со министерска позиција за носење бурек, додавајќи дека Заев не ја заслужува веќе неговата доверба.

Во изјава за Агенцијата ИНА пак, Села вели дека со голема загриженост го следи натпреварот за тоа кој ќе зграби поголем ден од владиниот колач или како што изјави, кој подобро ќе му служи на Заев.