Црна хроника

Уште еден македонски државјанин загина во војната во Сирија

Уште еден Албанец од Македонија загина на боиштата во Сирија. Според албанската новинска агенција СОТ, во последните борби во Сирија загинал 23 годишниот македонски државјанин Е. Исени кој по потекло е од скопското село Арачиново.

14.05.2018 18:13:27

Уште еден Албанец од Македонија загина на боиштата во Сирија. Според албанската новинска агенција СОТ, во последните борби во Сирија загинал 23 годишниот македонски државјанин Е. Исени кој по потекло е од скопското село Арачиново. Агенцијата информира дека веста за загинувањето на боиштата во Сирија е добиена од страна на семејството на Исени. Во почетокот на 2014 година Е.Исени, во тоа време како 19-годишник, се вклучил во војната во Сирија, додека веста за неговата смрт вчера родителите ја добиле од неговите другари. 

Во Сирија и понатаму има голем број Албанци што војуваат на боиштата. 

Во борбите во Сирија и Ирак досега загинале дваесетина џихадисти по потекло од Македонија, а претпоставките се дека на страната на Исламската држава се борат околу стотина борци со потекло од повеќе региони во Македонија, како скопско, тетовско, гостиварско, кичевско, кумановско, но и други места. 

Oд летото 2012 година регистрирано е учество на 100-ина македонски државјани на боиштата во Сирија и Ирак, од кои за две и пол години загинале 15 доброволци џихадисти од Македонија борејќи се на страната на терористите на сириските боишта.

Некои од загинатите и активните џихадисти на боиштата на Блискиот Исток заминале од неколку западноевропски земји каде што престојувале по напуштањето на Македонија.

Заминувањето на македонски граѓани во Исламската држава или други џихадистички движења во овие земји првпат било регистрирано во 2012 година. Земјата презема мерки за спречување на оваа појава поради што беше донесена стратегијата за борба против тероризмот, беше назначен национален координатор за борба против тероризмот, а беа донесени и измени во Кривичниот законик, со кои се казнува учеството во странски војски и други вооружени групи.



Елена Вришку