Економија

Од Скопје до Гевгелија ќе плаќаме пет патарини

Автопат Демир Капија - Смоквица, ќе има уште две патарини. За 28 km ќе има уште две плаќања, односно од Скопје до Гевгелија пет. Колку точно ќе изнесува цената, директорот на ЈПДП не кажа.

16.04.2018 17:27:17
Новиот автопат од Демир Капија до Смоквица, ќе има уште две патарини. Тоа значи дека за 28 километри ќе има нови две плаќања, односно од Скопје до Гевгелија пет патарини. Цената, според директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, ќе се утврдувала согласно Правилник. Но колку точно ќе изнесува не кажа. Патарините допрва ќе се градат и ќе бидат автоматски. 

- Неможе да се каже дека ќе биде бесплатно, патарините ќе си функционираат, за новиот дел на автопатот дозволата за градба е дадена пред неполн месец, па пресметајте, рече директорот на ЈПДП, Зоран Китанов.

Новите 28,2 километри автопат од Демир Капија до Смоквица ја чинат државата 270 милиони евра. Патот се пушта во употреба по шест години изградба и со него се заокружува Коридорот 10. Овој е само еден од неколкуте нови патишта, проектирани и започнати од претходната, а кои ќе ги доврши сегашната власт. 

Министерот за транспорт и врски вели дека почнуваат градежни активности за реконструкција на 30 патишта вредни околи 15 милиони евра. 

- Ќе имаме над милијарда денари годинава кои ќе бидат потрошени во делот на реконструкција на регионални патишта, експресни патишта итн., наши средства, но и останати кои дополнително се предвидени од Светска банка и ЕБОР, изјави Горан Сугарески при увидот на градежните активности за реконструкцијана патот Петровец - Катланово.

Реконструкцијата на патот од Петровец до Катланово, вреден 34 милиони денари, е почнат во октомври лани и треба да биде завршен следниот месец.

До мај треба да заврши  рехабилитацијата на автопатот Петровец - Миладиновци и на државниот пат Кадино - Хиподром. Наскоро ќе се објави и тендер за Велес - Градско и Колари - Кичево како и за обиколниците кај Битола и кај Скопје.