Македонија

Руската амбасада го демантира Заев – не е точно дека дипломатот бил предупреден

Премиерот зборува невистини или не е доволно информиран во врска со протерувањето на рускиот дипломат, реагираат од амбасадата на Москва во Скопје.

16.04.2018 19:01:59
Премиерот зборува невистини или не е доволно информиран во врска со протерувањето на рускиот дипломат, реагираат од амбасадата на Москва во Скопје. Дипломатот никогаш не бил предупреден, како што рече Заев пред два дена, ниту пак добил било какви докази за обвинувањата од македонските власти дека се инволвирал во разузнавачки активности, односно постапил надвор од своите должности, пред владата да одлучи да го испрати назад во Москва, објавија од амбасадата на Твитер. 
-Намерно или не, Зоран Заев е погрешно информиран. Протерувањето на нашиот дипломат беше изненадување. Никогаш не сме добиле никакви предупредувања ниту „докази“ за кои зборува Премиерот.  И понатаму сметаме дека овој чин е неоснован и нанесува штета на руско – македонските односи, реагираа од амбасадата на Твитер. 

Кога дипломатот беше протеран пред неколку недели, македонските власти одлуката прво ја образложија како знак на поддршка за Британија по случајот Скрипал, а следниот ден ја дополнија со ни малку наивна информација, односно сериозно обвинување дека дипломатот всушност бил шпион. Зошто ова не беше кажано веднаш, и зошто македонската јавност од владата не слушна детали во врска со т.н. тајни задачи на дипломатот, одговор нема. Заев пак во два наврати викендов повтори дека дипломатот бил предупреден и докази за тоа каде се огрешил му биле доставени.
-Апсолутно беше предупреден неколку пати, постапувал спротивно сите меѓународни конвенции. Сите докази ги доставивме до амбасадата, изјави Зоран Заев, претседател на Влада на Р.М. на 13.04.2018

По протерувањето, рускиот амбасадор Олег Шчербак уште веднаш рече дека докази за незаконско делување на дипломатот владата не им доставила. Потегот на властите во Скопје го нарече антируска мерка, кусоглед и избрзан чекор, иако нема ниту еден доказ од Велика Британија, па затоа, беше дециден амбасадорот, Русија ќе одговори на одлуката на македонските власти соодветно и обмислено. Како - уште не се знае. 

Искра Коровешовска