Македонија

Мицкоски: Правењето криминал станува главна дејност на оваа Влада

Правењето криминал станува главна дејност на актуелната Влада, која наместо инвестиции и реализација на проекти ги сокрива вистинските бројки за реалноста на државата вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, во интервју за „Република“.

16.04.2018 17:39:59
Правењето криминал станува главна дејност на актуелната Влада, која наместо инвестиции и реализација на проекти ги сокрива вистинските бројки за реалноста на државата и погубниот економски пад, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, во интервју за неделникот „Република“. Откако обелодени за скандали во ЕЛЕМ за наводно местење на тендери, открива дека поседуваат аргументи за кои сведочеле бизнисмени за сторени криминални дела во сите сегменти. 

- Јавноста ќе дознае и како фирмата на партиски функционер на партијата на власт добива тендери од државна институција притоа со пропишани услови кои само неговата фирма може да ги исполни. Како се прави набавка на храна во одредени установи по двојно повисоки цени за да ги добие фирма блиска до власта. Како се прават милионски набавки во четири очи во здравството за тендерите да ги добие една компанија која е во најтесни врски со директорка на една од клиниките. Како се склучуваат договори за привремени вработувања со фирми блиски до власта и ред други случаи во кои постојат основани сомневања за криминал, зборува Мицковски во интервјуто. 

Најголемиот бран на сомнителни договори е по укинувањето на Советот за јавни набавки што го направи оваа влада, вели Мицковски. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ говорејќи за економијата вели дека залудни се сите обвинувања адресирани на опозицијата. Нема инвестиции, ниту пак се реализираат  дадените ветувања. Анѓушев и Тевдовски единствено работат на зголемување на даноците, наместо да создаваат услови за подобра бизнис клима.

- Откако Македонија заврши со нула раст наместо со пет проценти раст како што ветуваше владата, Светска банка ја намали прогноза за раст на БДП за Македонија за 2018 година од  3.2 проценти на 2.3 проценти. Причините за ова треба да се бараат директно во владата. Згора на сѐ, владата го зголеми државниот долг и се обидува да го сокрие тоа од јавноста. Велат дека долгот е 38,7 проценти, а тој реално изнесува 40,7 проценти. Го напаѓаа концептот на ВМРО-ДПМНЕ за привлекување инвестиции, а сега, наместо да го надградат, сакаат катастрофално лошо да го ископираат. Јас ќе бидам најсреќен да има не 10, туку 110 инвестиции годишно, но нови странски инвестиции нема, вели Мицковски. 

Првиот човек на опозициската партија не го обесхрабрува не гласањето на владата. Вели најавената реконструкција е само шминка за неработењето на министрите и пазар за функции и места. 

- Кога дрвото е на накриво засадено, накриво и ќе никне. Знаат дека оваа влада е неспособна и затоа ќе се обидат со реконструкција да купат уште некој период, но проблемот е далеку посериозен. Ако ова до сега што го правеа за нив е работа, како изгледа кога не работат!? Ако не си поднесе оставка некој министер, нема ни да знаеме дека е министер, одговара Мицковски.
 
И додека државата се наоѓа во период на клучни одлуки во преговорите со името, Мицковски уште еднаш повторува дека опозицијата е исклучена од целиот процес, без да бидат консултирани. Јас не знам за што е постигнат напредок, но знам кога има нелогични работи, вели во интервјуто. Задоволен е што Заев го следел ставот на ВМРО дека е потребно спроведување на референдум околу преговорите со Грција. Сепак утре очекува позитивен извештај  од ЕК, бидејќи како што вели и опозиција придонесува на тој план затоа што тоа е од државен интерес, а работните групи во Собранието во голем дел ги усогласија и ставовите за реформските закони, вели Мицковски во интервју за „Република“. 


Ивана Соколовиќ Најдова