Македонија

Владика Агатангел: Нема лесно да поминат, ќе ги сочуваме државата, црквата, јазикот и културата

Ние сме мирен и кроток народ но немаме намера да ја продадеме својата земја. Митрополитот Повардарски Агатангел смета дека актуелната власт има нечесни намери.

13.02.2018 15:42:58
 Ние сме мирен и кроток народ но немаме намера да ја продадеме својата земја. Митрополитот Повардарски Агатангел смета дека актуелната власт има нечесни намери во преговорите со Грција, исто како и во Договорот со Бугарија и ја предупреди дека ќе заврши на ѓубриштето на историјата ако го промени името на Македонија.

-Кога народот ќе зовире, ќе почувствува дека го губи најсветото, своето име и својата црква, кога ќе ја изгуби својата православна црква...нема да знаеме како се викаме.... народот ќе стане. Имаме ние комити наши Македонци, браќа што цвртсто ќе застанат на браникот на Македонија – изјави владиката Агатангел.

Тој го повикува целиот македонски народ да си ја сочува држава и да си ги одбрани името, јазикот, црквата, културата, историјата.

„Можете да замислите, Бугарите бараат сега од нас да ја менуваме историјата. Страшно нешто. Ние сме си Македонци, тие се Бугари. Ние имаме наша историја и нашите деца треба да ја научат – вели владиката Агатангел.

Митрополоитот Повардарски правејќи паралела со времињата кога била укината Охридската архиепископија вели дека и оние кои сега сакаат да ги дадат името, јазикот, црквата и историјата на Македонија ќе имаат слична судбина, а нивните домови ќе останати опустошени. 

Јас се прашувам дали знаат што ќе стане со нивните деца? Тие ќе излезат на улица, а другите деца ќе му речат татко ти ја продаде државата. Затоа го молам народот да застане цврсто на браникот - рече владиката Агатангел. 

Алфа ТВ побара коментар од МПЦ-ОА во врска со изјавите на владиката Агатангел но оттаму кусо ни одговорија дека тоа се негови лични ставови кои не се официјални ставови на МПЦ-ОА.

Драган Милосављевиќ