Економија

Поскапи кредити дури од следната година

Каматните стапки во Македонија ќе останат стабилни уште годинава. Дури догодина, според најавите на првиот човек на Европската централна Банка каматите ќе се придвижат нагоре.

12.02.2018 18:15:44
Каматните стапки во Македонија ќе останат стабилни уште годинава. Дури догодина, според најавите на првиот човек на Европската централна Банка каматите ќе се придвижат нагоре, па се очекува и Народната Банка на Македонија соодветно да реагира и да ја зголеми референтната каматна стапка, што ќе значи и поскапи кредити за населението и фирмите. Сепак, гувернерот на НБМ, Димитар Богов, вели дека во македонскиот случај, треба да се земат в предвид сите ризици.

-„Во Македонија ние секогаш водиме сметка нашата референтна каматна стапка да има одредена маргина во однос на каматната стапка на европската Централна Банка. Фактот што ЕЦБ нема во догледен период да ја зголемува својата каматна стапка дава уверување дека и ние во догледен период  нема да имаме потреба да ја зголемуваме нашата референтна каматна стапка“ изјави Димитар Богов, гувернер на НБРМ.

Според НБМ, Македонија треба да биде внимателна, редовно да ги следи случувањата на светските берзи и одлуките на финансиските институции и да биде подготвена за евентуална криза на глобално ниво. Гувернерот Богов, по минатонеделниот колапс на светските берзи, вели дека се уште не се знае дали се работи за краткотрајни турбуленции или најава за поголема економска криза. Смета дека е најважно Македонија правилно и претпазливо да ја води како фискалната, така и монетарната политика. Задолжувањето со еврообврзница по поволни услови и најавите за намалување на буџетскиот дефицит, како и добрата ликвидност на банкарскиот сектор, значеле дека земјава била добро подготвена.

-„Македонската економија сепак треба да биде внимателна , треба да биде добро подготвена. Изминатиов период и ние презедовме низа мерки со кои што го зајакнавме банкарскиот сектор. За владините финансии веќе имаме намалување на буџетскиот дефицит во последните неколку години. Верувам дека во наредниот период ќе дојде до стабилизирање на јавниот долг“ смета Богов.

По подолга пауза, во последниве две години светската економија е во нагорен тренд, а очекувањата се дека ќе се повлекува ликвидноста која беше вбризгана изминатите години. Сепак, Европската Централна банка се уште купува обврзници во износ од 30 милијарди евра месечно во обид да ја доведе ниската инфлација на ниво од околу 2%. Ова е намалување од минатогодишните 60 милијарди евра месечно, но се уште нема потврда дали овој процес ќе продолжи по септември годинава. Неколку европски гувернери, веќе извесен период бараат да се стави крај на стимулативната монетарна политика, по што каматите ќе растат.


 Тања Попова