Македонија

Средновековна Битола лежи во центарот на градот

Повеќевековната дилема каде се наоѓала средновековна Битола, разрешена е пред неколку децении преку проектот за убикација и со извршените сондажи, се утврдило дека се наоѓала во строгиот центар на градот

26.01.2018 14:41:49
 Повеќевековната дилема каде се наоѓала средновековна Битола, разрешена е пред неколку децении преку проектот за убикација и со извршените сондажи, се утврдило дека се наоѓала во строгиот центар на градот. Меѓутоа, најрелевантните факти се наоѓаат во археолошкото наоѓалиште на ранохристијанската црква ``Свети Ѓорги`` од 7. век кај комплексот на Јени џамија, чии што артефакти постојано се прошируваат со конзерваторско- реставраторските зафати што се одвиваат во повеќе фази.

- Со најновите археолошки ископувања во летото 2017 година, пронајдена е проскумидијата на црквата на црквата ``Свети Ѓорги`` која се наоѓа под Јени џамија. Таа проскумидија ни потврдува дека објектот се шири и дека е од многу поголемо значење отколку претходно претпоставеното - рече Слободан Стојковски, стручен работник за средновековна археологија во Завод и музеј Битола.

Дека црквата ``Свети Ѓорги`` била многу поголема по обем, покажаа и најновите откритија врз инфраструктурата на шадрванот и тука допрва ќе се вршат археолошки истражувања. Но, сега петтата фаза на конзерваторските и реставраторските работи  привршува.

- Ова е петта фаза на конзервација и реставрација на фасади на објектот на Јени џамија и уметничка галерија, и покривање на надворешниот и отворениот дел на археолошкото наоѓалиште на џамијата, кое се наоѓа надвор.Тоа е заштитено со челишна конструкција заради заштита од временските непогоди, плус населението од Битола да се запознае со овој значаен локалитет - рече Зоран Алтипармаков, советник конзерватор во Завод и музеј од Битола.

За повторно да биде достапно до јавноста ова непроценливо културно наследство во кое Јени џамија е и национална ликовна галерија, потребно е целосно уредување на ентериерот, што ќе биде реалирано во шестата фаза со средства од државниот буџет. 

Петар Стефановски