Економија

Експертите обвинуваат за нетранспарентно донесена еврообврзница

Нетранспарентно донесена евробврзница – вака експертите го оценија вчерашното задолжување на Владата на надворешниот пазар за половина милијарда евра.

12.01.2018 17:42:31
 Нетранспарентно донесена евробврзница – вака експертите го оценија вчерашното задолжување на Владата на надворешниот пазар за половина милијарда евра. Според нив, согласно потребите за финансирање од околу 600 милиони евра ова е очекуван потег, но сепак донесен без поширока дебата во екот на новогодишните празници. За потсетување, одлуката за издавање еврообврзница беше објавена во Службен Весник на 3-ти јануари, а јавноста од странски медиум дозна за официјалното издавање, додека министерството за финансии реагираше дури вчера вечер.

Аналитичарите велат дека обемот на задолжување и не е толкав проблем, колку што граѓаните треба да знаат за што ќе се потрошат овие пари. Освен за покривање на буџетскиот дефицит и отплата на третина од еврообврзницата од 2015-та, не се согласуваат со објаснувањето дека остатокот од парите ќе се користат за буџетски потреби. Велат, во минатото, злоупотребите на парите од надворешното задолжување се правдале токму на овој начин.

Според Институтот за економски истражувања „Finance think“ постигнатата каматна стапка од 2.75% е поволна и споредлива со онаа што би се постигнала на домашниот пазар со слична рочност, а го поздравуваат и потегот дел од новиот долг да се искористи за рефинансирање на стар долг земен со повисока стапка. Сепак, Владата и во оваа година продолжи со задолжувањето и на домашниот пазар. Веднаш по божиќните празници издаде хартии од вредност со рочност од 6 месеци до 15 години, со што се задолжи за скоро 74 милиони евра. 

Тања Попова