Македонија

Иванов го доби указот за законот за јазици, допрва ќе одлучува дали ќе го потпише

Законот за употреба на јазиците е на маса пред шефот на државата Ѓорѓе Иванов. Веднаш по експресното гласање, со едногласно „ЗА“ од сите 69 присутни пратеници на СДСМ, ДУИ, Алијанса и Албанците, Беса, Амди Бајрам и Чедомир Саздовски, вчера со потпис

12.01.2018 17:31:50
Законот за употреба на јазиците е на маса пред шефот на државата Ѓорѓе Иванов. Веднаш по експресното гласање, со едногласно „ЗА“ од сите 69 присутни пратеници на СДСМ, ДУИ, Алијанса и Албанците, Беса, Амди Бајрам и Чедомир Саздовски,  вчера со потпис од Талат Џафери е испратен во претседателскиот кабинет. Оттаму само кусо ни потврдија дека Иванов го добил и ќе се произнесе во предвидениот рок. 
По гласањето вчера Артан Груби јасно кажа дека без разлика на позициите на Иванов законот доживува финале.
-Доколку Иванов не го потпише, законот се враќа во Собрание и повторно ќе биде изгласан, еве и денеска е јасна поддршката за него, рече вчера  Груби. 

Иванов беше јасен дека законот е неуставен и репресивен, za што му потврдиле и сите експерти: правници и лингвисти, со кои тој се советувал изминатите месеци.
-Оние кои тврдат дека предлог-законот е во согласност со Уставот и законите, ќе ги прашам: во согласност со чиј Устав и чии закони? Како Претседател во мојот Кабинет имав консултации со правни експерти, уставни судии, академици, универзитетски професори, лингвисти. По извршените консултации можам да кажам дека Законот за јазиците не преставува закана по македонскиот јазик. Тој преставува закана по унитарноста на државата. Овој предлог-закон го крши најголемиот закон на државата, а тоа е Уставот на Република Македонија. Кога ќе се прекршат големите закони, не добивате ниту слобода, ниту анархија, подвлече претседателот, рече Иванов на своето годишно обраќање.

Според член 75 од Уставот, ако Иванов одлучи да не го потпише указот, истиот се враќа на таканаречено трето читање во Собранието. Ако потоа се усвои и тоа со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот нема право на повторно вето- односно мора да го потпише указот. 
Деловнички е предвидено во рок од 30 дена откако е донесен, ако претседателот не го потпише, Собранието да го заврши третото читање. Амандмански расправи тогаш се единствено можни ако има амандмани во врска со оние работи на кои би укажал Иванов.
ВМРО ДПМНЕ вчера реагираа дека законот е неуставен и ќе предизвика комплетен хаос во функционирањето на државниот систем. СДСМ и денеска не ги коментираат нивните тивки позиции за цело време со исклучок на првото читање на законот. На брифинг пред новинарите Томислав Тунтев денеска единствено порача дека нивните амандмани ќе бидат инфилтрирани во законот, а дека за спорните одредби како двојазичните униформи, парите ќе се чека да се произнесе Венецијанската комисија.  

Искра Коровешовска