Македонија

Со Рамковен предлог на преговарачката маса Нимиц на 17 јануари ќе ја започне новата рунда разговори

Со Рамковен предлог на преговарачката маса, Нимиц на 17 јануари ќе ја започне новата рунда разговори за спорот со името.

12.01.2018 17:31:27
 
 Со Рамковен предлог на преговарачката маса, Нимиц на 17 јануари ќе ја започне новата рунда разговори за спорот со името. Шефовите на дипломатијата Никола Димитров и Никос Коѕиас вчера по средбата во Солун со изразен оптимизам најавија можно решение. Но не кажаа што ќе опфаќа таа иницијалната рамка со која суштински ќе имало напредок во надминувањето на разликата околу името. Дали конкретниот предлог кој најверојатно ќе го понуди Нимиц ќе биде во вид на пакет од името, употребата на името, изведените зборови, јазикот, пакетот којшто го најавуваше Коѕиас уште пред неколку месеци или пак само одредување на црвените линии. 

 Засегнати од проблемот со името на “северниот сосед” , Грција во последните месеци црта и продлабочува црвени линии. Премиерот Заев пак со ентузијазам потенцира дека за нас не постојат црвени линии во спорот за името. Во интервју за грчката Алфа тој оптимистично најави дека спорот со името може да биде решен уште во првите шест месеци од годинава. 

 - Ако зборуваме за некои црвени линии или црвени граници, јас не би го користел тоа како можност бидејќи тоа ќе биде пречка за да се изнајде решение за овој проблем. Би сакал повеќе да користам некои други методи. Црвената линија нека биде таа светликавата линија која во мрачниот пат ќе не води кон решение за проблемот, кажа премиерот.

 Иако Скопје и Атина пак пред започнувањето на новата рунда разговори на 17 јануари,  консултациите и договорите ги држат во дискреција и настапуваат синхронизирано  јасно е дека „креативното решение“ можеби и нема да зависи само од посредникот на ОН Метју Нимиц.
 
 Албански медиум повикувајки се на дипломатски извори објави дека Османи добил конкретен предлог за промена на името од Грците. Предлогот се разликувал од имињата со кои главно шпекулираше грчкиот печат во последно време, меѓу кои: Нова Македонија, Горна Македонија и други.

 Шефот на грчката дипломатија претходно изјави дека не се потребни референдуми ниту во Македонија, ниту во Грција. За евентуален референдум, Грција немала никаква причина да го распише затоа што имала одговорна Влада. Не бил добро решение ниту за Македонија, затоа што постоела можност евентуалниот договор да биде отфрлен. 

Лепа Џундева