Балкан

Јункер: Западен Балкан е главен приоритет на бугарското претседателство со ЕУ

Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, денеска изјави дека кога станува збор за ЕУ време е Балканот да се врати на дневен ред.

12.01.2018 14:38:32
 Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, денеска изјави дека кога станува збор за ЕУ време е Балканот да се врати на дневен ред.

Захариева истакна дека очекува оти Србија и Црна Гора ќе отворат уште повеќе поглавја за време на бугарското претседателство со Европската Унија, а постои и шанса Албанија и Македонија да ги почнат пристапните преговори.

Захариева еден ден откако Бугарија официјално го одбележа почетокот на претседателството со ЕУ рече дека земјите од Западен Балкан се важни за геополитичката безбедност и дека доколку ЕУ„не е таму, на овој простор ќе дојде некој друг”.

„Не постои вакуум. Турција и Русија се заинтересирани со децении, така што мораме да ја покажеме нашата политичка поддршка, да им покажеме дека ако и кога тие се подготвени, вратата им е отворена“, изјави за новинарите шефицата на бугарската дипломатија.

И претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, денеска изјави денеска бугарскиот приоритет за отворени врати кон Западен Балкан е исто така приоритет и за Европската Унија.

„Вашиот приоритет е и наш приоритет“, рече Јункер за време на посетата на Софија каде што оствари средба и со бугарскиот премиер, Бојко Борисов. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, вчера, на свеченото одбележување на почетокот на бугарското претседателство, во Софија рече дека „балканската приказна“ е поинтересна и од сценариото на популарната серија „Игра на тронови“, иако, како што рече, на Балканот нема змејови.