Македонија

Двојазични униформи и македонски денар со албански симболи - законот предвидува и строги казни

Двојазични униформи на полицајците, пожарникарите, лекарите и медицинските сестри како и двојазични судски процеси. Ова станува законска обврска. Ќе се интервенира и на македонскиот денар - и книжните и кованите пари ќе добијат албански симболи.

11.01.2018 18:00:49
Судовите, обвинителства, како и сите институции ќе бидат обврзани да овозможат користење и примена на албанскиот јазик. Униформите на специјалните единици на полицијата, пожарната и здравствените работници во Скопје и во другите градови каде Албанците се присутни со над 20 отсто од населението ќе бидат двојазични. На социјалните мрежи веќе се споделуваат фотографии за тоа како ќе изгледаат новите амблеми. Законот за употреба на јазиците кој денеска беше изгласан, предвидува основање на Агенција за примена на јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните, која ќе биде финансирана од државниот буџет. Предвидено е и формирање на Инспекторат за употреба на јазиците во рамки на Министерството за правда, а ќе се регулира со посебен закон.

Ќе се менуваат и денарите - и книжните и кованите, како и поштенските марки. Законот предвидува тие да содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо односно Албанскиот.

И додека новите коалициски партнери Заев и Ахмети во тајност ги држеа условите за коалиција, Бујар Османи во интервју на ТВ 24, потврди се што сега беше изгласано со Законот за употреба на јазиците.

Изедначувањето на албанскиот со македонскиот јазик ќе значи и промена на Уставот, а за тоа постојано предупредуваше и професорската фела. Социјалдемократите за цело време стоеја на ставот дека Уставот не се прекршува и покрај тоа што по откривањето на деталите за Тиранската платформа и условите за коалицирање, огромен број граѓани со месеци ги полнеа улиците низ Македонија во знак на револт. 

Сегашниот премиер, тогаш во опозиција и пред албанската дијаспора пред две години отворено говореше за еднаквоста при употреба на јазиците. Обраќајки им се на гласачите Албанци Заев не ја исклучи намерата да се менува и Уставот.

За да не биде воведена двојазичност гаранција побара и претседателот Иванов. По долги натегања мандатарот Заев ја донесе истата и се обврза дека ќе ја почитува, но тоа не се случи. Првиот човек на СДСМ досега веќе неколкупати јавно говореше за воведувањето на двојазичноста, па беа отворени и двојазични партиски штабови, а соопштенијата од партијата се испраќаа и на македонски и на албански.

Законот за јазиците кој покрена бура од реакции во јавноста и беше  носечкиот столб во Тиранската платформа како и услов за коалицирање во новата Влада. 

По 26 години од донесувањето на Првиот Устав на Македонија повторно се отвора пандорината кутија со употребата на јазиците во земјава. Иако при создавањето јасно било утврдено дека македонскиот е службен јазик во Република Македонија, по повеќе од две децении повторно се актуелизира ова прашање, па со изгласувањето на законот и албанскиот станува официјален јазик.

Ивана Соколовиќ Најдова 
 

Попис

Од: Никола Стругаревски

Време: 11.01.2018 18:45:08

Коментар: Дали може сега да се одржи попис на население за точно да знаеме каде смее да се применува законот а притоа Агенцијата за употреба на закон, не употребува казнени мерки? Благодарам