Македонија

Мицотакис бара договор како тој со Бугарија и решавање на идентитетот

Откажувањето од иредентизмот на Скопје може да биде изведено единствено преку билатерален договор.

10.01.2018 19:01:09
Откажувањето од иредентизмот на Скопје може да биде изведено единствено преку билатерален договор. Ова е еден од предусловите во пакетот за „црвените линии“ на грчката опозициска Неа Демократиа кои лидерот Кирјакос Мицотакис ги претстави на челниците на партијата во однос на спорот за името.
Тој не изнесува детали за тоа каков би бил тој билатерален договор, но беше повеќе од јасен оти кога ќе се решава прашањето за името – ќе се решава и идентитетот...

„Минимумот што може да го направи Владата е да ја одбрани во целост позицијата од Букурешт. Затоа што името не се однесува само на името. Се помалку од ова, не може да биде прифатено. Како што секако не може да биде прифатено никакво нецелосно решение, што не го решава проблемот во целост. Ова не се однесува само на примената на решението, на ерга омнес, туку и на неприфатливите иредентистички изјави од нашите северни соседи, кои ги провоцираат патриотските чувства на сите Грци, не само на Македонците“, изјави лидерот на Неа Демократиа.

Ова го поткрепува и со директното барање од нашата Влада да покаже во пракса дека ја почитува чувствителноста на грчкиот народ во однос на историјата и да покаже дека има капацитет во ФИРОМ да наметне едно заемно прифатливо решение.
Во тој тон беше и вчерашната изјава на шефот на тамошната дипломатија, Никос Коѕијас кој смета дека референдум за името во Македонија не е добро решение затоа што договорот може да биде отфрлен.

Другите два услова од пакетот на Мицотакис се сложено име со географска одредница и име за сите и за севкупна употреба, односно ерга омнес, но беше јасен дека нема да прифати само решение за името, доколку не биде прифатен пакетот во целост, за кој смета дека треба да биде усвоен од ОН. 

Инаку сосема е извесно дека ова се ставови на идната грчка Влада, односно дека Мицотакис ќе биде нов премиер со оглед на предноста од најмалку 10 проценти во однос на другите политички партии во пресрет на парламентарните избори закажани за април идната година.

Андреа Василевски