Економија

СИЕР: Предлог - законот за минимална плата дава можност за манипулација

Синдикатот реагира, предложениот текст од Законот го содржи терминот „нормиран учинок“ што им дава можност на работодавците да манипулираат со работниците.

12.09.2017 18:20:04
Законот за минимална плата не е гаранција дека работниците ќе ги добиваат најавените 12.000 денари. Синдикатот реагира, предложениот текст од Законот го содржи терминот „нормиран учинок“ што им дава можност на работодавците да манипулираат со работниците. Ова најмногу ќе ги погоди вработените во, текстилната, кожарската и преработувачката индустрија кои ќе мораат да работат подолго за да ја достигнат нормата. 

Ристески вели дека веќе реагирале до Владата и до надлежното Министерство да се тргне спорниот термин пред да се усвојат законските измени. 

130.000 вработени во приватниот сектор најавеното покачување требаше да го земат од 1 септември, но предлог законот се уште чека одобрување од Парламентот. Во првите шест месеци, буџетската поддршка за фирмите ќе изнесува 1,5 милиони евра месечно, а во следните шест ќе се преполови.

Минималната плата во Македонија за прв пат беше законски воведена пред речиси шест години. И досега законски се коригираше секоја година – во 2013 изнесуваше 8.050 денари, во 2014 година 8.800 денари, во 2015 9.590 денари, а во 2016 година 10.080 денари.


Биљана Божиновска