Балкан

Силно невреме и поплави на Балканот

Поројните дождови што синојќа го зафатија Балканот предизвикаа поплави во Босна и Херцеговина , Хрватска и Србија.

12.09.2017 18:20:51
Поројните дождови што синојќа го зафатија Балканот предизвикаа поплави во Босна и Херцеговина , Хрватска и Србија. Поплавени беа повеќе станбени и индустриски објекти, а во прекин беше и сообраќајот. Во Хрватска беше објавен црвен метеоаларм со предупредување од опасност од полави долж брегот на Јадранското Море, откако се поплавија Задар, островот Хвар, како и делови од Јадранската магистрала. Во областа на Задар кој е најпогоден од обилните врнежи, 70 тимови на пожарникари и хрватската армија ја повлекуваат водата од поплавените објекти. 

Портокалово предупредување имаше и од  Федералниот хидрометеоролошки завод на БиХ за невремето во Сараево пропратено со силен дожд кој уриваше стебла и носеше покриви.

 Силно невреме го погоди и Белград и повеќе градови во Србија, а во Нови Пазар паѓаше град со големина колку орев. Tемпературата во главниот град на Србија се намали дури за 10 степени односно од 29 на 19 степени Целзиусови. Силен ветер дуваше во Крагуевац и во Ниш, додека во Прокупље ветерот носеше дрва, а сообраќајот беше во целосен прекин.

Соња Маневска