Економија

Странските компании ја заобиколуваат Македонија

Инвестицијата која ќе овозможеше сигурна егзистенција за 1500 македонски семејства, намалување на невработеноста и економски раст, сега ќе ја уживаат српските граѓани.

07.09.2017 18:11:41
Македонија остана покуса за 1500 нови вработувања. Странска компанија, од автомобилската индустрија, која планираше да инвестира во земјава, одеднаш ја смени одлуката и реши новата фабрика да ја отвори во Србија, дознава Алфа. Сопствениците, задоволни од добрата бизнис клима и соработката со претходната влада на ВМРО – ДПМНЕ, првично сакале да инвестираат во Македонија, откриваат извори за Алфа. Но, револтирани од игнорантскиот однос на новата власт и фактот што ниту еднаш не биле контактирани во последните три месеци, одлучиле својот капитал да го вложат во соседството.  

Инвестицијата која ќе овозможеше сигурна егзистенција за 1500 македонски семејства, намалување на невработеноста и економски раст, сега ќе ја уживаат српските граѓани. 

Лошата економска клима во земјава удри и по фирмите. Компаниите тонат во проблеми, а сопствениците се жалат дека се почесто се одлучуваат да подигнат кредити за да може да ги сервисираат тековните трошоци и да ги исплатат работниците. Доколку економската политика не се промени, најавуваат дека ќе стават клуч на врата до крајот на годината. 

Пад има и кај извозот и тоа за 52 милиони евра во споредба со минатиот месец. Извозот во јули годинава, споредено со претходниот месец бил намален за 11,9 проценти. 

Во меѓувреме, три големи мултинационални компании, со над 2000 вработувања, најавија дека ќе ја напуштат Македонија. Незадоволни од третманот на Владата, најавената декласификација на нивните договори и покачувањето на даноците, донеле одлука својот капитал да го преселат во други земји во регионот. Две од компаниите се од автомобилската индустрија и доаѓаат надвор од Европа, а третата компанија е од технолошката индустрија и е со Европски капитал.

Викендов, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски откри дека претходната влада била во сериозни и интензивни преговори со околу 60-тина компании кои во земјава би отвориле нови 25.000 работни места. 

Биљана Божиновска