Црна хроника

Почина две годишно девојче – родителите го носеле на болница, а лекарите го враќале дома

Нова трагедија го потресе македонското здравство. Во Охрид почина две годишно девојче. Родителите барале помош во повеќе наврати, а лекарите по препишаната терапија или дадената инфузија ги пуштале дома. На крајот било предоцна.

27.08.2017 19:56:23
Почина две годишно девојче. Лекарите во охридската болница не успеале да го спасат. Директорката на Медицински Центар во Охрид Славица Малеска за Алфа го потврди случајот, но тврди дека не можело ништо да се направи бидејќи детенцето веќе било мртво кога го донеле кај нив. 

Директорката вели дека девојчето прв пат било примено кај нив пред два дена, односно на 25 август. Му била препишана терапија и било пуштено дома. Следната контрола била закажана дури по три дена.

Сепак, процената на лекарите најверојатно била погрешна. Родителите во повеќе наврати претходно барале помош, но медицинскиот персонал ги уверувал дека не е ништо сериозно.

Состојбата нагло се влошила вчера, па родителите околу 16 часот го донеле во болница. Медицинскиот персонал му дал инфузија и откако му се подобрила состојбата повторно го пуштиле дома. На крајот било предоцна. Кога мајката и таткото околу полноќ дошле на клиниката со детенцето, тоа веќе било починато.

Причините за смртта допрва ќе се утврдуваат. Ќе биде извршена обдукција.

Ова е трет случај кој го стресе македонското здравство само оваа недела. Претходно на скопска гинекологија починаа четири новороденчиња.

Борис Грујоски