Култура

Завршуваат 56. Струшки вечери на поезијата

Со поетската манифестација „Мостови на Струга“ и врачување на годинашните награди, вечер завршуваат 56. Струшки вчери на поезијата (СВП).

27.08.2017 12:03:23

Со поетската манифестација „Мостови на Струга“ и врачување на годинашните награди, вечер завршуваат 56. Струшки вчери на поезијата (СВП).

Фестивалот утре ќе се пресели во Скопје каде, традиционално, ќе се одржи Поетско матине на Матка, а вечерта ќе има и Меѓународен поетски митинг на плоштадот „Македонија“.

Изминатите денови СВП понуди богата програма. Се оджраа поетски читања, портрети на поети, симпозиуми, средби со издавачи,... 

Годинашното издание почна на 23 август, со меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“ на кое прв своја песна рецитираше добитникот на „Златен венец“ Чарлс Симиќ. Фестивалот официјално го отвори министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

На СВП учествуваа триесетина поети од Македонија и странство. Вчера претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во „Вила Билјана“ во Охрид ги прими Симиќ, хрватскиот поет Горан Чолакхоџиќ кој е добитник на наградата „Мостови на Струга“ на СВП и УНЕСКО, носителот на наградата „Браќа Миладиновци“, македонскиот поет Михаил Ренџов, и организаторите на 56. издание на СВП.

Во Црквата „Св. Софија“ во Охрид синоќа се одржа и Поетски портрет на Чарлс Симиќ. 

За поезијата на Симиќ зборуваше поетот Богомил Ѓузел.

- Би можело да се каже дека коренот на поезијата на Симиќ е во европското и лично историско искуство, а разгранетиот материјал подоцна изобилно е земен непосредно од американската стварност... Симик го продолжува и проширува вниманието на американска книжевна критика и со бројните книги поезија што следат, посебно со една спонтана умешност да ги оживее обичните предмети, како приборот за јадење или споредувајќи го своето пишување со готвењето храна, истакна Ѓузел.

Во своето обраќање, пак, со наслов „Зошто поезија?“ венцоносецот Симиќ рече дека поезијата е одбраната на поединецот против сите генерализации кои се обидуваат да ја затворат стварноста во единствен концептуален систем. - Во таа смисла таа е анти-утописка. Нејзиното најсуштинско верување е дека можеме да стигнеме до вистината преку имагинацијата, подвлече лауреатот.

Во музичкиот дел од програмата настапи пијанистот Дино Имери, а фестивалската вечер продолжи со поетското читање „Созвучја“ на плоштадот во Охрид, на кое настапија 20-ина странски поети.

Манифестацијата „Струшки вечери на поезијата" во 2011 година од претседателот Иванов беше одликувана со Орден за заслуги за Република Македонија.