Култура

Итна санација на Музејот на Македонија во кој навлезе вода

Министерството за култура соопшти дека по настанатата вонредна состојба со навлегување вода во просториите на НУ „Музеј на Македонија“- Скопје по завчерашното невреме ресорниот министер Роберт Алаѓозовски уште истата вечер со лично присуство констат

16.06.2017 19:04:06
 Министерството за култура соопшти дека по настанатата вонредна состојба со навлегување вода во просториите на НУ „Музеј на Македонија“- Скопје по завчерашното невреме  ресорниот министер Роберт Алаѓозовски уште истата вечер со лично присуство констатирал дека се доведени во опасност движните добра, коишто се прогласени за културно наследство, а се во збирките на оваа установа.

При увидот, како што се наведуваво денешното соопштение, било констатирано дека, особено во просторијата на Галеријата на икони, каде се сместени повеќе дела со непроценлива вредност, постои големо оштетување на плафонот и инсталациите.

- Се работи за претходни оштетувања, коишто се случиле на 9.3.2017 г година во просторијата во Галеријата на икони. За жал, и покрај итноста на состојбата, веќе неколку месеци овие оштетувања се уште не се отстранети, стои во соопштението од Министерството.

Министерот Алаѓозовски, се посочува, од четирите установи кои работат во доменот на заштитата на културното наследство - Управата за заштита на културното наследство–Скопје, НУ „Музеј на Македонија“–Скопје, НУ „Национален конзерваторски центар“-Скопје и НУ „Конзерваторски центар на Скопје“-Скопје, побарал итно да преземат соодветни мерки за заштита на движното културно наследство, особено на Галеријата на икони, во која е сместено бесценето културно наследство од особено значење за државата.

- Од овие установи е побарано итно да формираат заедничка стручна комисија, која ќе ја утврди настанатата штета, и ќе преземе итни мерки за санација, обезбедување сигурност на движното културно наследство од Галеријата на икони и обезбедување соодветни просторни и микроклиматски услови за овие дела, стои во соопштението на Министерството за култура.