Спорт

Нерешено со Украина за пласман на ЕП одлучува дуелот со Чешка

Последниот натпревар во квалификациите за Европскиот шампионат на кој ја пречекуваме Чешка ќе одлучи дали нашата ракометна селекција ќе обезбеди пласман на континенталниот собир со Хрватска, откако денешниот натпревар со Украина заврши без победник 2

15.06.2017 21:05:27
Средбата во Суми донесе големи варијации во резултатот, од минимално водство на домаќините до одлична предност од пет гола за нашиот состав за на крајот од дуелот и двете средби да обезбедат по бод.

Стартот на дуелот ги исполни очекувањата за неизвесност на средбата и по краткото водство на Украинците се играше гол за гол се до 10:10 кога новото водство на домаќинот од два разлика беше сигналот за селекторот Раул Гонзалез кој побара тај аут.

И потоа следуваше одлична игра од нашите ракометари, серија од 6:0 која ни осигура предност од 4 погодоци и на полувреме не испрати со резултат 18:14 во корист на македонската селекција.

Стартот на вторите 30 минути најавуваше продолжение на нашата доминација на теренот но по зголемувањето на предноста на +5, 14:19 и 20:15 Украинците го покажаа квалитетот кој им обезбеди шанса за настап на континенталниот собир и со серија од 4:0 се вратија на само еден гол разлика 21:20.

До крајот на натпреварот неколку неискористени 100 процентни шанси како и разбранетиот Чуприна, кој воедно и го одбрани последниот обид на Манасков кој за нас ќе значеше победа, резултираше со само еден освоен бод.

Кире Лазаров со 8 гола беше најефикасен во нашиот состав, Филип Талевски постигна пет и Стојанче Стоилов 4 погодоци додека украинскиот голман Чуприна средбата ја заврши со 12 одбрани.

Нашата репрезентација натпреварот со Чешка на кој за пласман на натпреварувањето во Хрватска ни е потребна победа го игра во недела во Спортскиот центар Борис Трајковски со почеток од 20 часот и 45 минути.