Македонија

Тимоти Лес: Голема Албанија, Србија и Хрватска со поделба на Македонија како решение за Балканот

Поранешниот политички секретар во амбасадата на Обединетото Kралство во Скопје, не отстапува од поделба на државите. Како решение за Балканот, бара голема Албанија, голема Србија и голема Хрватска со поделба на Македонија.

11.01.2017 17:59:14
Поранешниот политички секретар во амбасадата на Обединетото Kралство во Скопје, не отстапува од поделба на државите. Како решение за Балканот, бара голема Албанија, голема Србија и голема Хрватска со поделба на Македонија.

Тимоти Лес, и натаму предизвикува внимание во јавноста откако ја објави својата анализа во „Фореин полиси“, во која заговара формирање голема Србија, Хрватска и Албанија. 

Притоа за Македонија тој го препорачува рецептот албанското малцинство да добие форма на независност, односно федерализација, а потоа спојување со матичната држава Албанија. Тоа што особено ги запали страстите на Балканот е што се смета дека преку него, всушност, Велика Британија го подготвува теренот за ваква политика. 

Токму Тимоти Лес, кој сега ја раководи агенцијата „Нова Европа“, вели дека во прекројувањето на границите имало три сценарија. Најдобро за регионот би било да решат Велика Британија, Германија, Франција, Русија и Турција со надворешна помош на САД. 

Во интервју за хрватски „Јутарњи лист“ вели дека по ју-конфликтот било погрешно што се тргнало во формирање мултиетнички наместо национални држави на Балканот, и оти тоа било и погрешна оценка на Западот. 

- На Балканот нема услови за создавање успешни мултиетнички држави во кои тамошните граѓани, без разлика на националноста, би имале еднакви права, сигурност и економски можности. Тоа е регион во кој постои недостиг од демократска традиција и уставен либерализам, кој на малцинствата им дава самодоверба и доверба во институциите на државата, вели Лес. 

Тој притоа истакнува дека „Западот не е во состојба да ги спречи малцинските народи во обидите да се поврзат со матичните држави“. „Босанските Срби одржаа референдум за Дејтон со поддршка на Русија, а од Западот немаше посериозна реакција“, вели поранешниот политички секретар во британската амбасада во Скопје. 

На забелешката хрватски „Јутарњи лист“ дека реализацијата на неговите идеи значи поделба на БиХ, Македонија и Kосово, Лес вели:  

- Тие држави и онака се де факто поделени, така што поделбата не е условена со реализација на моите идеи. За да одговорам на тоа прашање мора да го разликуваме конечниот исход. Кога зборуваме за исходот, сметам дека евентуално создавање на националните држави, на крајот, би било попозитивно отколку негативно, вели меѓу другото Лес.

На констатацијата дека тоа подразбира приклучување на Западна Херцеговина кон Хрватска, обединување на Албанија и Косово, како и Србија која се протега до Бања Лука, Лес додава дека - Иако во БиХ е можно некои делови на Република Српска и хрватски подрачја да бидат приклучени кон идната бошњачка држава. 

Анализата заснована на етничка географија, Тимоти Лес ја продолжува со тврдењето дека „Албанија, Србија, Црна Гора и Хрватска покажуваат оти е можна внатрешна интеграција на малцинствата“, но притоа како да заборава дека во неговиот план е отцепување и на Прешево, Медвеѓа и Бујановац и спојување со голема Албанија. Затоа, вели дека „во Босна, Македонија и на Косово постојат незадоволни национални малцинства на етнички хомогени подрачја, чии стремежи предизвикуваат тензии, а сите три држави се целосно нефункционални“.

Борис Грујоски