Економија

Светска банка: бавно закрепнување на глобално ниво

Бавно закрепнување на глобално ниво – ова е оценката на Светска Банка за светскиот економски раст во последниот извештај „Слаби инвестиции во несигурни времиња“.

11.01.2017 17:59:57
 Бавно закрепнување на глобално ниво – ова е оценката на Светска Банка за светскиот економски раст во последниот извештај „Слаби инвестиции во несигурни времиња“. 
Во него се наведува дека растот на меѓународната економија годинава ќе изнесува 2.7% како резултат на редуцираните активности во развиените држави, но и солидната побарувачка која се очекува во домашните економии. Глобалното стопанство ќе достигне раст од 2.9% во наредните две години.

Во извештајот се наведува дека македонската економија годинава ќе ја заврши со раст од 3.3%. Во наредните две години зголемувањето ќе изнесува 3.7 и 4 отсто, со што земјава се наоѓа на средина на листата на земјите во регионот. Најголем економски раст на Балканот, според Светска Банка годинава ќе има Косово – 3.9%, следат Црна Гора со 3.6% и Албанија со 3 и пол, додека зад Македонија се наоѓаат Босна и Херцеговина и Бугарија со раст од 3.2%, Србија со 2.8 и Хрватска која е на дното на листата со раст од 2 и пол проценти.

Од развиените економии, според Светска Банка, најдобро годинава ќе ја завршат САД со раст од 2.2%. Државите членки на еврозоната ќе остварат раст од само еден  и пол процент, а Јапонија од 0.9 отсто. Растот поради поголемата домашна побарувачка во голема мера ќе биде потиснат како резултат на најавите за протекционизам и поголеми ограничувања на трговијата меѓу државите – стои во извештајот. 

За разлика од нив, земјите во развој ќе имаат подобри перформанси, зависно од цените на продуктите кои најмногу ги извезуваат. Врз нивните проекции во голема мера влијаат малиот обем на инвестиции и слабиот раст на продуктивноста. Па така, Индија и  Кина ќе имаат солиден раст од 7.6, односно 6.5%, додека турската економија ќе се зголеми за 3 отсто, руската за еден  и пол, а стопанството на Бразил за само 0.5%.

Светска Банка проектира и раст на цената на нафтата од типот Брент, Дубаи и западен Тексас. Годинава, главно поради одлуката на земјите членки на ОПЕК за намалување на дневното производство на нафта, цените би требало за пораснат за енормни 28% - стои во извештајот. 


Тања Попова