Македонија

На пат кон Европа во екстремен студ и огромен снег – мигрантите не се откажуваат

Гевгелиските села Моин и Селемли биле местата од каде Авганистанците се обиделе да влезат во нашата земја, но биле вратени назад во Грција. Во делови од оваа земја, како и реонот околу Солун е прогласена вонредна состојба.

11.01.2017 18:02:10
Минусните температури и снегот не ги одвратија мигрантите од идејата за нелегално да ја поминат територијата на Македонија на пат кон западна Европа. Полицијата и армијата во неколку наврати спречила групи од 50 бегалци главно од Авганистан од Грција да влезат во Македонија, и да продолжат кон европските земји. 

Гевгелиските села Моин и Селемли биле местата од каде Авганистанците се обиделе да влезат во нашата земја, но биле вратени назад во Грција. Во делови од оваа земја, како и реонот околу Солун е прогласена вонредна состојба. 

Европската комисија пред два дена ги обвини грчките власти за ненавремено реагирање и решавање на состојбата во која се наоѓаат мигрантите и на грчките острови. Грчката Воена морнарица вчера од Атина кон Лезбос упати брод, со кој треба да бидат евакуирани најмногу 500 бегалци и мигранти. Во Србија стотици мигранти подредени во линија на смрзнатиот снег чекаат топол оброк. 

Организациите за помош ги обвинуваат властите за неуспешно имплементирање на итните мерки за згрижување на бегалците. И додека илјадници мигранти се наоѓаат на отворено на студ, без засолништа на температури под нулата, во прифатните центри во Македонија каде се сместени, 150 бегалци, состојбата е поинаква. 68 мигранти има згрижено  на Табановце, а 82 во прифатниот камп кај Гевегелија, надлежните велат дека на овие луѓе им се задоволени основните потреби за живот и се згрижени на топло и безбедно. 




Катерина Гетева