Економија

Склучен договор за набавка на 4 електрични локомотиви

Македонски Железници го прошири возниот парк. Ќе се поднови со нови 4 електрични локомотиви. Договорот за набавка со кинеската ЦРРЦ Џуџоу и официјално беше потпишан денеска.

10.01.2017 18:03:35
 Македонски Железници го прошири возниот парк. Ќе се поднови со нови 4 електрични локомотиви. Договорот за набавка со кинеската ЦРРЦ Џуџоу и официјално беше потпишан денеска. Локомотивите треба да бидат готови и ставени во употреба до крајот на годинава. Проектот чини 8 милиони евра, а парите се обезбедени под поволни услови од Европската Банка за обнова и развој. За директорот на Македонски Железници Транспорт ова ќе значи побрз и пообемен превоз на стоки и патници, како и достигнување на европските и светски стандарди во железничкиот сообраќај.

Ова е втор проект што го реализираат македонската Влада и ЦРРЦ Џуџоу по првиот за набавка на шест нови патнички возови. За првиот човек на кинеската компанија, Македонија е важна железничка транспортна зона во југоисточна Европа и постојано се наоѓа во фокусот на фирмата.

„Нашата компанија ќе обезбеди ресурси и експертиза. Ќе добиете сигурни, безбедни производи со врвни перформанси и прекрасен изглед. Веќе набавените шест електрични возови се само предвесник на пријателството кое се продлабочува. Џуџоу ќе овозможи повластени услуги при финансирањето како целосна поддршка за Македонија, за подигнување на јавниот транспорт“

ЦРРЦ Џуџоу е основана во 1936 година и веќе 80 години произведува и сервисира локомотиви. Компанијата создава супер модерни возови, соработува со преку 10 земји и годишно реализира набавки од околу 45 милијарди јуани.


Тања Попова