Свет

Лавров: Односите меѓу Русија и Западот сега се полоши отколку за време на Студената војна

Според Лавров, односите меѓу Русија и Западот сега се полоши отколку за време на Студената војна и претходните канали за комуникација меѓу Москва и западните земји, сега се окупирани од русофобија.

16.04.2018 16:54:55

Лидерите на САД, Велика Британија и Франција се повикуваат на податоци на медиуми и социјални мрежи, говорејќи за наводен хемиски напад во Сирија, изјави во интервју за Би- Би-Си рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Тој ги отфрли обвинувањата на американскиот претставник во Органзицијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ)  дека Русија го расчистила местото, каде што наводно бил извршен хемиски напад во сирискиот град Дума, во близина на Дамаск во обид да ги прикрие трагите од нападот.

- Гарантирам дека Русија не извршила никакво расчистување на тоа место, посочиЛавров.

Претставници на рускиот центар на 9 април извршиле детална проверка на местото на нападот во Дума и не откриле траги од користење на хемиско оружје.

Обвинувајќи го сирискиот претседател Башар ал Асад, дека стои зад  употребата на хемиско оружје, три западни држави - членки на Советот за безбедност на ОН, во саботата извршија ракетни напади врз објекти во Сирија.

Според Лавров, односите меѓу Русија и Западот сега се полоши отколку за време на Студената војна и претходните канали за комуникација меѓу Москва и западните земји, сега се окупирани од русофобија.

- Оваа русофобија сега наликува на обид за геноцид преку санкции, рече тој.

Рускиот министер за надворешни работи изрази надеж дека граѓаните на Запад, вклучително и тие кои се на власт, ќе ја разберат опасноста од  таквата ситуација.