Економија

Работниците на „Веибо груп“ ќе блокираат улици се додека надлежните не им го решат проблемот

Протест на магистралата Куманово - Крива Паланка - Деве Баир. Работниците на „Веибо“ останаа на збор, секој ден ќе блокираат улици се додека надлежните не им го решат проблемот.

14.02.2018 17:53:40
Метеж и километарски колони возила на патниот правец Куманово - Крива Паланка. Работниците од текстилната фабрика „Веибо груп“ два часа ги блокираа улиците кај месноста Грамаѓе, во близина на градот.

Блокадата следува по неисполнетите ветувања од страна на раководството на „Веибо“ за исплаќање на трите заостанати плати, придонеси и прекувремени работни часови. Полицијата им забрани снимање на новинарите, иако се работи за јавна површина.

Работниците бесни на надлежните. Велат дека се оставени на милост и немилост.

Од страна на Иницијативниот одбор на „Веибо груп“ најавија дека секој ден ќе  блокираат патот на истата локација, на клучката кај влезот во Крива Паланка и, како што велат, блокадите ќе продолжат се додека не се реши нивниот проблем. Револтот е се поголем и зашто менаџерскиот тим на „Веибо“ и натаму останува глув на нивните барања.

Дел од вработените и натаму на ставот дека фабриката добро работела и не им е јасно зошто инвеститорот решил да стави клуч на врата. Образложението на  турските газди е дека компанијата повеќе нема моќ да работи поради намалени нарачки. „Веибо“ се затвори на први овој месец, со што 210 вработени останаа на улица.

Наместо решавање на проблемот, од Владата и натаму ја обвинуваат претходната власт, за која велат дека не го испочитувала договорот со турските газди.

Инаку, работниците од Крива Паланка веќе две недели постојано се на улица, со организирање секојдневни блокади на магистралата А2. Тие се решени да ги бараат и остварат нивните работнички права.
Паралелно, сметките на работниците од фабриката за текстил „Веибо“ и натаму се без денар, а луѓето се оставени сами на себе.

Борис Грујоски