Економија

Работниците од „Веибо“ на протест, менаџментот „глув“ на нивните барања

Нема крај за работничката голгота во „Веибо груп“. Сметките на работниците од фабриката за текстил во Крива Паланка и натаму се без денар. Од менаџментот молк.

12.02.2018 18:12:41
Нема крај за работничката голгота во „Веибо груп“. Сметките на работниците од фабриката за текстил во Крива Паланка и натаму се без денар. Од менаџментот „Веибо“ иако им ветија исплата на барем една од заостанатите плати, барем до сега ништо од тоа. 

Поранешните вработени веќе две недели протестираат пред погонот искажувајќи револт кон раководството. Велат ако не им се реши проблемот ќе преземат радикални чекори и ќе блокираат улици. На турските газди им дадоа рок до крајот на месецов да го исплатат долгот. Ќе бараат и нотарски заварена изјава со датумот кога ќе си ја добијат платата.

Од компанијата и натаму молк. Како што велат работниците, од менаџментот во иднина не сакале да комуницираат со нив, зашто според нив, тие веќе не работеле во „Веибо“.

Минатата недела на барање на работниците, менаџерката на „Веибо“, Кристина Јакимова, се сретнала со Иницијативниот одбор на работниците. Побарала да достават правен документ, кој ќе ги застапува сите, за понатаму да склучат спогодбен договор со конкретни рокови за подмирување на барањата.

Работниците го повикаа и управителот, Мустафа Иршат Канџа од Турција, да каже што се случува и зошто иако им ветил, не се сретнал со нив.

Дел од вработените и натаму на ставот дека фабриката добро работела и не им е јасно зошто инвеститорот решил да стави клуч на врата. Образложението на  турските газди е дека компанијата повеќе нема моќ да работи поради намалени нарачки. „Веибо“ се затвори на први овој месец, со што 210 вработени останаа на улица.

Алфа побара став и од Владата. Од таму преку соопштение наместо решавање на проблемот и преземање конкретни чекори како што најави вицепремиерот, тие ја обвинија претходната власт, за која велат дека не го испочитувала договорот со турските газди.

- Во врска со состојбата во Веибо груп сакаме да Ве информираме дека станува збор за последици од минатата Влада која на странскиот инвеститор им ветувала поволности, а истите не ги релизирала со што ја загрозила релизацијата на планираниот бизнис план на компанијата, нејзиниот развој, а со тоа и работните места  во самата компанија. Владата останува посветена на креирање на добра бизнис клима како и поддршка за инвеститорите. Во таа насока и покрај тоа што станува збор за приватна компанија, Владата во рамките на своите законски надлежности и капацитет внимателно ќе ги следи процесите, велат од Владата.

Во меѓувреме, работниците побараа да не се меша политика во целиот случај, и дека имаат трошка надеж за изнаоѓање и решение за нивниот проблем, кој како што велат, ги преминал границите на човечност.

Борис Грујоски