Економија

Работниците на ``Еурокомпозит`` го блокираа магистралниот пат

Работниците на ``Еурокомпозит`` кои една недела се во штрајк, денеска ги остварија своите закани и ги радикализираа работничките протести со едночасовна блокада на магистралниот пат Прилеп- Битола, кај клучката пред ``Лукоил``.

12.02.2018 15:52:57
Работниците на ``Еурокомпозит`` кои една недела се во штрајк, денеска ги остварија своите закани и ги радикализираа работничките протести со едночасовна блокада на магистралниот пат Прилеп- Битола, кај клучката пред ``Лукоил``. Тие остануваат на своите барања за исплата на  бруто- плата и да ги добијат заостанатите придонеси од јуни 2012 година до денес.

- Не не сфатија досега сериозно ниту Влата ниту директорите и перодолжуваме со нашите протести, додека нема некој слух да не разбери. Секој ден ќе ги продолжуваме нашите протести, а планираме во овие неколку дена, да одиме за Скопје пред Владата- рече Роберт Богданоски, претседател на синдикатот на ``Еурокомпозит``.-  На луѓето им прекие преку глава оваа состојба, а изјавата дека треба да работат за пет илјади денари е несериозна. Во оваа држава постојат закони и секој работник треба да зема барем 12. 000 денари- рече претставникот на гранскиот синдикат СИЕР, Лазар Ангелески.

Работниците сметаат дека во фирмата владее беззаконие и дека за само шест месеци, новото раководство направило злоупотреби, поради што, поднесена е кривична пријава.

- Се сомневаме за трансфер на некои големи суми пари, од една фирма во друга фирма префрлани, во некоја непостоечка фирма сопственост на Тони Дукоски, раководителот на ``Еурокомпозитна опрема``. Се работи за некаде околу 90. 000 евра од ``Еурокомпозитна`` на ``Композитна`` и од таму ``Ројал логистик интернационал`` од село Велгошти- рече Богданоски.

Линеарниот паушал од пет илјади денари што го добија како аванс, само ја прелеа чашата и работниците се почуствуваа измамени од ветувањата на Владата дека ќе добијат цела плата и од осми февруари се во штрајк. По денешната радикализација, следен чекор ќе бидат протестите пред Владата, а гранскиот синдикат се уште не може да воспостави контакт за преговори со претставниците на власта.


Петар Стефановски