Македонија

Тв Скај дует - Ахмети: Ние сме држава без име, Шекеринска: постои консензус за компромис

Ние сме земја без име, имаме едно привремено име, ПЈРМ. Во пракса се обидуваме конечно да добиеме нормално име со преговорите што се водат – изјави Ахмети во емисијата Историес на ТВ Скај.

07.02.2018 17:48:02
 Ние сме држава без име и преку преговори се обидуваме да добиеме некое нормално име. Лидерот на ДУИ Али Ахмети во емисијата Историес на грчката телевизија Скај на грд начин ја објаснува потребата за изнаоѓање на компромис во врска со спорот за името. 

- Ние сме земја без име, имаме едно привремено име, ПЈРМ. Во пракса се обидуваме конечно да добиеме нормално име со преговорите што се водат – изјави Ахмети во емисијата Историес на ТВ Скај.

ДУИ ќе поддржи и уставни промени доколку се потребни, објаснува лидерот на партијата, додавајќи дека тие се подготвени да го поддржат процесот се до конечно решение.

- Ние сме подготвени. И во минатото сме биле подготвени за да го поддржиме процесот до конечно решение, бидејќи не интересира многу интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ, вели Али Ахмети.

Во истата емисија која е посветена на разговорите за името, вицепремиерката Радмила Шекеринска уверува дека во Македонија постои консензус во однос на тоа дали треба да преговараме и дали треба да прифатиме некој вид компромис.

- Фактот дека преговараме некаков вид сложено име со некаков вид на придавки или додавки, покажува дека постојат двоумења, емоции, но и волја да одиме напред, вели Шекеринска за ТВ Скај.

И покрај оптимизмот на Шекеринска, извори на Алфа велат дека за актуелните предлози на Нимиц нема поддршка од страна на шефот на државата и од опозицијата, додека преговарачот Наумовски ги оцени како најнедостоинствени до сега. И самата министерка смета дека во последните 25 години, постоеле и подобри можности за решение, но дека не биле искористени, иако не објаснува точно кога и зошто. 

Драган Милосављевиќ