Македонија

Брисел молчи за говорот на омраза и палењето на македонското знаме на протестите во Солун

И додека сите се во исчекување на новите масовни протести против употребата на терминот Македонија во името, кои ќе се одржат в недела во Атина, Брисел се уште молчи за говорот на омраза и палењето на македонското знаме од последниот протест во Солун

02.02.2018 17:26:08
Брисел нема коментар за говорот на омраза и палењето на македонското знаме во Солун на последните протести против употребата на терминот Македонија во името на нашата земја. Додека нивната членка продолжува агресивно да повикува на крв и цела Атина е излепена со постери со фашистичка содржина против Македонија во пресрет на протестите в недела, еврокомесарот Хан не одговори на прашањата на Алфа: дали има намера да реагира до Грција за недемократското однесување спротивно на европските стандарди? Дали однесувањето на јужниот сосед не им штети на преговорите и градењето доверба? 
Ги добивме познатите дипломатски пораки во кои нема ни збор за грчкиот говор на омраза. Неговата портпаролка само ги поздрави чекорите на македонската влада во насока на решавање на спорот.

-Одржувањето добрососедски односи, вклучувајќи го и договореното и взаемно прифатливо решение за прашањето за името, под покровителство на ООН, останува од суштинско значење.Во овој поглед, ги поздравуваме чекорите што ги презема владата за разговорите со колегите во Грција за зајакнување на добрососедските односи и се надеваме дека ова ќе се претвори во понатамошни конкретни резултати, одговори портпаролката на Европската Комисија, Маја Коцијанчиќ.

Во меѓувреме никнуваат нови постери со застрашувачки слики, како што е оној каде е претставен војник кој на капата има македонско знаме и злоставува жена, со пораката „Спасете ја Македонија од Словените“. 
Медиумите и јавноста се згрозија од уште еден, на него е прикажана голема крволочна мечка – која ги преставува комитите од “Македонија”, како што биле  нарекувани од грчките Андарти. Претставувајќи како здружени Грците ја колат мечката, пишува: „Комитите ни се пред врата - и требаш на Македонија”. 
Ако на последните протести во Солун се собраа над 90 илјади Грци, за најавените в недела во Атина според грчките медиуми се очекуваат најмалку милион и пол луѓе. А веќе за 18ти февруари е најавен протестен марш од селото Евзони кон границата со Македонија. 
На протестот пред две недели се вееја грчки знамиња и знамиња со сонцето од Вергина, а можеа да се прочитаат слогани како „Македонија била е и ќе биде грчка“,  „Тргнете ги рацете од Македонија“, „Името е нашата душа“. 
За в недела се најавени порадикални, особено по последната порака на министерот Димитров дека ако се чепне идентитетот преговорите ќе пропаднат.  

Искра Коровешовскa