Македонија

Законот за употреба на јазиците изгласан - како ќе се применува во пракса?

Законот за употреба на јазиците по речиси една година од обзнанувањето се оконча, ја помина собраниската процедура, а сега следува и неговата примена. Последиците ќе бидат најголеми за вработените во јавниот сектор.

12.01.2018 17:31:21
Како граѓаните кои не го зборуваат албанскиот јазик кој од вчера е и втор официјален јазик во земјава, ќе воспостават комуникација со службено лице кое го говори истиот. Како лице од Источна Македонија ако отиде во Тетово, Гостивар, Дебар каде се говори албанскиот јазик ќе се разберат со полицајците, пожарникарите, адвокатите, доколку тие одбијат да им зборуваат македонски и им се обратат на албански јазик.  

Законот за употреба на јазиците по речиси една година од обзнанувањето се оконча, ја помина собраниската процедура, а сега следува и неговата примена. Последиците ќе бидат најголеми за вработените во јавниот сектор. Во членовите на Законот предвидено е полицијата, пожарната и здравствените работници да добијат нови униформи, но упатените велат дека тоа може негативно да се одрази и врз нормалното функционирање на овие граѓански сервиси. Граѓаните веќе реагираат за можните импликаци доколку дојдат во ситуација да не можат да воспоставам комуникација. 

Еден од бројните примери е што ќе се случи доколку во Источниот дел на Македонија се случи некоја сообраќајна незгода во која учесник е македонец со албанско потекло кој побара од полицајците да му говорат на албански јазик. Дали во ваков случај кога јавните службеници не го познаваат албанскиот, ќе бидат некако санкционирани. Или доколку лекар прегледува пациент кој му зборува на албански а тој не го разбира, какви импликации ќе следуваат за здравствениот работник. Ќе бидат вработувани нови кадри кои ќе можат непречено да го спроведуваат законот или пак веќе постоечките кадри ќе мораат да учат. 
 
Судовите, обвинителства, како и сите институции ќе бидат обврзани да овозможат користење и примена на албанскиот јазик. Униформите на специјалните единици на полицијата, пожарната и здравствените работници во Скопје и во другите градови каде Албанците се присутни со над 20 отсто од населението ќе бидат двојазични. Законот за употреба на јазиците кој вчера беше изгласан, предвидува основање на Агенција за примена на јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните, која ќе биде финансирана од државниот буџет. Предвидено е и формирање на Инспекторат за употреба на јазиците во рамки на Министерството за правда, а ќе се регулира со посебен закон.

Ќе се менуваат и денарите - и книжните и кованите, како и поштенските марки. Законот предвидува тие да содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо односно Албанскиот.

Ивана Соколовиќ Најдова