Македонија

Мицотакис: Владата води тајна дипломатија за името – не знаеме што договараат

Наместо национален консензус – Владата води тајна дипломатија. Лидерот на опозициската Неа Демократиа и сосема веројатно идниот грчки премиер, Кирјакос Мицотакис, ја обвини тамошната Влада за нетранспарентност

12.01.2018 17:43:03
Наместо национален консензус – Владата води тајна дипломатија. Лидерот на опозициската Неа Демократиа и сосема веројатно идниот грчки премиер, Кирјакос Мицотакис, ја обвини тамошната Влада за нетранспарентност при решавањето на спорот за нашето уставно име. Коментирајќи ја средбата меѓу Димитров и Коѕијас во Солун, чија локација и старт останаа тајни се до нејзиното завршување, вели дека ништо не знае што се преговара...

 „Не знаеме што разговараат, не знаеме за што преговараат, не знаеме што имаат дадено, што земале. Не знаеме ништо, Од овде од најсеверната граница на земјата, сакам, уште еднаш да ја повикам владата, одговорно да ја извести опозицијата за важното прашање за името на Скопје и конечно да запре да се занимава со тајна дипломатија. Исто така, барам од владата да запре да ги дели Грците. И да запре, луѓето што имаат посебна чувствителност за прашањето за името на Скопје, да ги поистоветува со радикалната десница“, изјави Мицотакис при посетата на Северна Грција коментирајќи го ударот од грчкото МНР по Грчката Православна Црква, која дипломатски избори блиски до Коѕијас ја обвинија дека чекори заедно со неонацистичката „Златна Зора“.

А во меѓувреме, актуелниот грчки премиер, Алексис Ципрас, наместо кон самиот спор, се фокусира на изгладување на односите со црквата. Тој бара нејзино инволвирање во решавањето на спорот, иако Светиот синод беше јасен дека нашето идно име не смее да го содржи терминот „Македонија“... 

„Во однос на прашањето што го споменувате, за односите со Поранешната Југословенска Република Македонија, дозволете ми, да Ве уверам дека мојата Влада е решена да се справи со прашањето со чувство на национална одговорност, на цврста одбрана на националните интереси и стремеж кон односи на мир, соработка и пријателство со сите народи од регионот. Сериозно ќе го земеме предвид се она што го споменувате во однос на црковниот аспект на прашањето“, му напиша меѓу другото Ципрас на поглаварот на ГПЦ Јероним.
Инаку грчките медиуми деновиве беа опседнати токму со, како што го нарекоа, „отворениот фронт“ меѓу левичарската влада и црквата.

Андреа Василевски