Македонија

Промената на името пред финиш: средба Димитров - Коѕијас на тајна локација

Денеска се одржува средба на непозната локација меѓу шефовите на дипломатијата Никола Димитров и Никос Коѕиас.

11.01.2018 14:46:43
Денеска се одржува средба на непозната локација меѓу шефовите на дипломатијата Никола Димитров и Никос Коѕиас. На само шест дена пред новата рунда разговори предводена од медијаторот Нимиц, премолчената локација и не е единствената непозната.

Шефот на грчката дипломатија претходно изјави дека не се потребни референдуми ниту во Македонија, ниту во Грција. 

Доколку се постигне договор, а тој договор потоа не помине на референдум, тогаш цената за северниот сосед може да биде многу поголема отколку што може да се замисли.

Пред само еден ден од Атина се врати и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, повторно од средба со Коѕиас. Тој пак изјави дека и Македонија и Грција нуделе предлози за кои Нимиц ќе треба да најде прифатливо решение и дека сме стигнати до крајот на проблемот со спорот за името.

Во меѓувреме албански медиум повикувајки се на дипломатски извори објавува дека Османи добил конкретен предлог за промена на името од Грците. Предлогот се разликувал од имињата со кои главно шпекулираше грчкиот печат во последно време, меѓу кои: Нова Македонија, Горна Македонија и други.

Премиерот Заев пак не одговори дали освен името ќе треба промена и на Уставот. Но утрово Грчкиот заменик-министер за транспорт Никос Мавраганис, кој е член на партијата Независни Грци и коалиционен партнер во Владата на Ципрас, утрово настапи со став дека во преамбулата на македонскиот Устав има иредентизам.

- Ова не е опсесија или радикална позиција и однесување, туку е затоа што државата на Скопје, го поставува ова барање за да има такво име, токму затоа што во преамбулата на нивниот устав, предвидува дека треба да се создаде една поширока македонска држава и се стреми кон одбрана на наводната македонска националност. Ако ова не беше во нивниот устав, ако беа отстранети овие иредентистички стремежи, тогаш поразлично ќе ги гледавме работите. Но тоа не е отстрането. И затоа остануваме на тоа дека во никој случај не може да се користи терминот Македонија во какво било сложено име, па дури и да биде ерга омнес, рече заменикот министер за транспорт, вели Мавраганис, во интервју за ЕРТ, пренесува МИА.

Додека деталите за линковите, локациите и договорите помеѓу Скопје и Атина не се објавуваат, грчките здруженија, што собираат потписи за терминот Македонија да не биде вклучен во името, се организираат и мобилизираат за голем протест во Солун на 21 јануари. Не е исклучена ниту можноста да се одржат повеќе различни демонстрации,но и меѓу иселеничките организации, од другата страна на Атлантикот со истата порака - против името Македонија. 



Лепа Џундева