Македонија

Караџовски и Вангеловски во гевгелискиот суд, го проверуваат налогот за претрес на Панчевски

Зошто гевгелиската судијка Злата Попова ја потпишала наредбата за претрес на канцеларијата и домот на поранешниот претседател на Кривичен суд – Панчевски, денеска во Гевгелија проверуваат претседателите на Врховен суд и на Судски совет.

13.10.2017 14:00:00
Зошто гевгелиската судијка Злата Попова ја потпишала наредбата за претрес на канцеларијата и домот на поранешниот претседател на Кривичен суд – Панчевски, денеска во Гевгелија проверуваат претседателите на Врховен суд и на Судски совет, Јово Вангеловски и Зоран Караџовски.
Двајцата се во Гевгелија од каде Катица Јанева доби потпис на наредбата за претрес, без да објасни зошто нејзината колешка Попова ја потпишала наредбата, а за тоа не добила надлежност од скопска апелација – како што е законски. Официјално, ни од Врховен суд ниту од Судскиот совет нема информација за посетата на Караџовски и Вангеловски.
Ова уследи откако Панчевски се пожали на незаконски извршен претрес врз него, поради сомневање дека учествувал во злоупотреби на својата функција и местење на предмети.
 
Во меѓувреме од СЈО и после 7 дена од претресот се уште нема објаснување во врска со одземениот клуч од страна на службено лице, што се гледа од снимките. Панчевски утврдил дека му е украден кога излегувајќи од дома сакал да заклучи но не можел да го најде. Јанева завчера изјави дека само изгледало дека клучот бил украден, но не било така и ни збор повеќе.
Професорот од факултетот за безбедност Богданчо Гогов за Алфа предупреди дека целиот настан не оди во прилог на правдата за која СЈО тврди дека се бори.

Панчевски денеска најави оти ќе бара и советот за јавни обвинители да се произнесе во врска со претресот. Претходно тоа го побара од Судскиот совет и од Советот за етика.

Искра Коровешовска