Култура

Нова премиера на Шекспир во Битола

Пиесата ``Сонот на летната ноќ`` од Вилијам Шекспир, утревечер љубителите на сценската уметност премиерно ќе можат да ја видат на големата сцена во Битолскиот народен театар.

12.10.2017 15:29:44
Пиесата ``Сонот на летната ноќ`` од Вилијам Шекспир, утревечер љубителите на сценската уметност премиерно ќе можат да ја видат на големата сцена во Битолскиот народен театар. Оваа ансамбл претстава во која играат седумнаесет актери, ја постави американскиот режисер Џон Блондел, еден од најголемите познавачи на драматуршкиот опус на Шекспир.  Мега- театарскиот  проект својата праизведба ја имаше на ``Охридско лето``, но од утревечер ќе го има редовниот репертоарски старт, беше речено на денешниот прес.

- Нешто што сакам да направам со оваа група на акери, тоа е една голема претстава и затоа ги одврзав тиа врски што се дуплираат и на крајот направивме една претстава што се движи, што плови и што се игра- рече режисерот Џон Блондел.- ``Сонот на летната ноќ`` е една златна средина помеѓу нашиот македонски менталитет и она што Џон Блондел го носи како Американец и американски менталитет, како негово чуствување и како навистина добар познавач на Шекспир- рече актерката Маја Андоновска Илијевски.

Последниот сценски проект поддржан од Министерството за култура за оваа година, ќе биде драматизацијата на романот ``Коцкар`` од Фјодор Михајлович Достоевски, а во сопствена продукција, Битолскиот народен театар ќе ја постави  и претставата ``Крвави свадби`` од Федерико Гарсија Лорка, во режија на Љупчо Ѓоргиевски.

Петар Стефановски