Економија

Владата за само 1 месец се задолжи над 100 милиони евра

Владата донесе одлука за поголемо задолжување на домашниот пазар.

12.10.2017 17:32:51
 Владата донесе одлука за поголемо задолжување на домашниот пазар. На последната седница, извршната власт си даде за право максималниот износ за издавање на државни хартии од вредност да го зголеми за околу 45 милиони евра. Од министерството за финансии велат дека не се работи за дополнително задолжување преку издавање на хартии од вредност, туку за редовно усогласување со Ребалансот на буџетот, кој беше усвоен од страна на Собранието на 6 август.

„Оваа Влада нема да издава еврообврзница до крајот на годината, бидејќи успешно се финансираме на домашен пазар по историско ниски каматни стапки. Максимумот е зголемен за околу 45 милиони евра“ – соопштуваат од Министерството за финансии. 

По објавувањето на одлуката за зголемено задолжување, реагираше и опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека само овој месец, задолжувањето ќе изнесува над 100 милиони евра и дека владата за 4 месеци, издала хартии од вредност во износ од половина милијарда евра.

Инаку и меѓународните финансиски институции алармираа на преобемното задолжување. 

Меѓународниот монетарен фонд беше последен во низата што ја намали прогнозата за економски раст на Македонија. Стопанските активности годинава, според фондот, треба да се зголемат за 2.5%, а не за 3.4% како што беше проектирано во април. Намалени се очекувањата и за следната година, од 3.4% на 3.2%. ММФ проектира зголемен дефицит на тековната сметка и оваа и во следните години. За 2017-та тој ќе достигне 2.3%, за 2018-та 2.5%, а за 2022-та дури 3.1%. Во најновиот извештај на ММФ е наведено дека инфлацијата ќе достигне 1.7%.