Економија

Ребалансот утре пред пратениците, се кратат 47 милиони евра и на приходната и на расходната страна

Од утре ребалансот на буџетот влегува во собраниска процедура. Се очекува жестока дебата од пратениците за прекројувањето на државната каса кое предвидува ревидирање на приходите за 1,5% надолу, односно за 47 милиони евра. За нешто повеќе, за 47,2 ми

16.07.2017 17:34:33
 Од утре ребалансот на буџетот влегува во собраниска процедура. Се очекува жестока дебата од пратениците за прекројувањето на државната каса кое предвидува ревидирање на приходите за 1,5% надолу, односно за 47 милиони евра. За нешто повеќе, за 47,2 милиони се кратат и расходите. Планирано е намалување на дефицитот на 2,9% од БДП, како и остварување на економски раст не од 3, туку од 2.2%. 

Додека власта се фали дека ќе ги крати непродуктивните трошоци, опозицијата обвинува дека се кратат значајни проекти од интерес за граѓаните.

Парите се намалуваат речиси кај сите министерства, а најмногу во министерството за образование од скоро 22 милиони евра. Се кратат средства за изградба и реконструкција на основни  и средни училишта. Со милион и 640 илјади евра помалку ќе се градат училишните спортски сали, а преполовена е и сумата за изградба и реконструкција на студентски домови. 

Се кратат буџетите и на министерството за одбрана за 8.3 милиони евра, и на МВР за 6.7 милиони, особено во делот за неопходните реформи во полицијата. 

Централната Влада ќе има 6 и пол милиони евра помалку, како што беше најавено, за трошоците за патувања, репрезентации,реклами и економски промоции. За истата цел се скратени и 3 милиони, односно 370 илјади евра во агенцијата за странски инвестиции, односно Агенцијата за туризам. Од друга страна помалку финансии ќе има за индустриските зони, односно дирекцијата ќе има намален буџет за 805 илјади евра. 

Кратења има и во министерството за транспорт за скоро 3 милиони евра, во животна средина за 2,3 милиони, како и во земјоделство и култура. Без пари е оставен проектот за туристички развојни зони, водовод и канализација во Визбегово и програмата за наводнување на јужната вардарска долина. Зголемена е поддршката за домашните гринфилд инвестиции, а иста сума има за хидросистемите Злетовица и Лисиче и за плоштадот Скендербег.

Зголемување на буџетите има кај министерствата за труд и здравство, за 18, односно 4.4 милиони евра. За исплата на пензии, фондот за пензиско осигурување ќе биде поддржан со дополнителни 20 милиони евра, а фондот за здравство со скоро 10 милиони евра. Пари се обезбедени за поддршка на фирмите за зголемување на минималната плата на 12 илјади денари, но и за укинување на РДТ, за што од буџетот ќе се одвојат 3 милиони и 252 илјади евра. 
Пари ќе има и за депонијата во Тетово, но не и за решавање на проблемот со депонијата во Струга.

Тања Попова