Македонија

Репортажа - Јасен ги отвори вратите за јавноста

Националниот парк Јасен денеска во душата на планината за прв пат ја пушти јавноста.

19.05.2017 17:44:55
Некои патувања остануваат во вашите сеќавања поради времето во кое сте ги посетиле, некои поради луѓето кои ви правеле друштво, некои пак едноставно ви ја хранат душата. Борова и дабова шума, мирис на чај од мајчина душица, прелет на птици, дивината ви  дава сосем поинаква експресија за околината кој ви го одзема здивот.

Националниот парк Јасен денеска во душата на планината за прв пат ја пушти јавноста. Овде е домот на ретката балканска дива коза, на евроазискиот рис,срни, елени, диви свињи, фазани овде е срцето на најзначајната еколошка зона во регионот. Домаќин ни беше директорот на резерватот,кој не прошета низ планинската верига се до долната граница на паркот кај езерото Козјак. 

Во имагинацијата на луѓето Јасен отсекогаш бил перцепција за некаква мистерија. Бункери, скривници, командни локации изградени уште од времето на Јосип Броз Тито. И хеликоптерот кој не надлета само потсети дека дел од Јасен е под Министерството за одбрана. Ваква асоцијација за тајни подземни бункери и команди неодамна во јавноста пласираа некои медиуми, кои се покажаа невистина. 

Но да ги оставиме шпекулациите на страна, денеска Јасен го видовме како место во кое командува само природата. Освен рекреативниот риболов, овде ловот  е строго контролиран и лимитиран само за специјални групи кои плаќаат премија за да уловат елен, дива коза, свиња или муфлон.

Минатата година само од лов на дивеч, паркот имал приход од 123.000 евра, пари кои ги користи за своите вработени бидејќи Јасен се само финансира. Ловџиите заминуваат само со трофејот, месото од уловениот дивеч останува во паркот. 18 години дивечот го подготвува готвачот Драги Бодановски.

На Јасен нема луксузни хотели, оваа планинска куќарка е единственото место каде може да поминете во дводневно друштво на природата. А за 200 евра по човек освен ноќевање ви следуваат и три вкусни оброци, секако деликатес. 

Ловната сезона почнува на 15 септември дотогаш дивечот не се вознемирува,во сезоната на парење, чуварите оставаат само храна. Го оставаме Јасен во мир, местото викано Кула со рампа покажува дека движењето низ резерватот е со ограничено, но секогаш овде се добредојдени добронамерни посетители вљубеници во природата. 



Катерина Гетева