Македонија

Заев и Ахмети ги започнаа преговорите за состав на Влада

По двочасовни преговори и без никакви детали околу распределбата на владиниот колач заврши денешна средба на Заев со првиот човек на ДУИ Али Ахмети. Од партиите не откриваат колку министерски позиции ќе добие СДСМ а колку албанскиот блок, иако во јав

19.05.2017 17:44:48
Течат уставните рокови за формирање на новиот владин кабинет, а со тоа се интензивираат и средбите на мандатарот Зоран Заев со коалициските партнери. По двочасовни преговори и без никакви детали околу распределбата на владиниот колач заврши денешна средба на Заев со првиот човек на ДУИ Али Ахмети. Од партиите не откриваат колку министерски позиции ќе добие СДСМ а колку албанскиот блок, иако во јавноста излегуваат информации дека истакнати и веќе докажани имиња ќе застанат на чело на министерствата. 

Според партискиот портпарол и пратеник Петре Шилегов, набрзо ќе биде формирана и новата Влада, пократко од предвидениот рок, но не сакаше да открие во која насока се движат преговорите. Потенцираше дека најбитно е да се врати граѓанскиот концепт на кој граѓаните повторно ќе му веруваат. 

Од СДСМ преку партиско соопштение велат дека принципите на соработка, реформската Влада и ЕУ и НАТО интеграциите биле темите на денешната средба со првиот човек на интегративците. По разговорите со партиите кои дадоа поддршка за состав на новата Влада, ќе преминат на конкретните решенија за ресорните министерства.
 
По средбата Ахмети не сакаше да даде изјава за медиумите.

 Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека Заев свесно ја држеше Македонија во заложничка криза, а можеше уште пред три месеци да ја прифати понудата на ВМРО-ДПМНЕ, да ја отфрли Платформата и да заврши кризата. Сега целата одговорност останува кај Заев, се вели во партиското соопштение. 

За викендов најавени се средби на Заев и со Движењето БЕСА и Движењето за реформи во ДПА. 

Ивана Соколовиќ Најдова