Македонија

Матурантите танцуваа Квадрил

Освен танцот и матурските прослави, за учениците кои завршуваат средно следи чекорење на патот кон светот на возрасните. За полагање на испитот на зрелоста, државната матура се пријавиле 16. 426 кандидати. Екстерниот предмет по мајчин јазик , кој е

19.05.2017 17:44:15
 Околу 2000 ученици кои годинава завршуваат средно образование  денеска учествуваа на матурската парада, танцуваа квадрил на музиката од Штраусовата опера „Лилјакот“, ја испратија пораката за ненасилство, мир и толеранција. Заиграа и салса, по што следеше забавна програма за учесниците, од мјузиклот „Тајно моја“ во продукција на Македонската опера и балет. Освен во Скопје, квадрил се танцуваше и  во Струга, Охрид, Струмица, Гевгелија и  во уште 15 европски држави.  Матурантите за танцот се подготвувале повеќе од еден месец, велат дека се радуваат дека завршуваат средно, ќе продолжат и на факултет. 

Освен танцот и матурските прослави, за учениците кои завршуваат средно следи чекорење на патот кон светот на возрасните.  За полагање на испитот на зрелоста, државната матура се пријавиле 16. 426 кандидати. Екстерниот предмет по мајчин јазик , кој е задолжителен закажан е  на 27 Мај. Според податоците на државниот испитен центар, дури 15. 201 матурант избрал да полага англиски јазик, над 4000 се пријавиле за предметот бизнис, биологија, филозофија и историја ќе полагаат по околу 3.000. За математика,  пријавени се 13 проценти односно 2.070. Малкумина од листата на екстерни предмети  избрале да полагаат руски јазик 26 кандидати,  108 се пријавиле за француски , 197 за германски.  Физика пак ќе полагаат 119, естетика 193 и хемија 282. 

Од државниот испитен центар велат дека на 10 Јуни закажани се екстерните испити од државната матура за странските јазици, потоа  на 12 Јуни ќе биде тестирањето по математика, додека  на 14  ќе се полагаат останатите предмети. Државната матура во земјава се спроведува веќе десетта година. Мајчиниот јазик е задолжителен , а другите два екстерни предмети ги избираат учениците. Покрај ова  матурантите ќе полагаат уште еден интерен предмет, треба да изработат и проектна задача. Резултатите од полагањето ќе ги знаат за еден месец. Можност да полагаат во августовската испитна сесија ќе имаат оние ученици кои од оправдани причини  не биле тестирани во јуни или пак не положиле. 

Вероника Мароска Леова