Економија

Земјоделците ги добија парите за субвенции, од денеска почна исплатата

Министерството за финансии веќе врши исплати откако одлуката на Уставниот суд беше објавена во службен весник, со што беа отстранети законските пречки за исплата на субвенциите

18.05.2017 18:40:13
Земјоделците почнаа да ги добиваат субвенциите. Министерството за финансии веќе врши исплати откако одлуката на Уставниот суд беше објавена во службен весник, со што беа отстранети законските пречки за исплата на субвенциите. 

„Исплатени се 463 милиони денари субвенции во рамки на кои целосно се подмирени обврски за субвенции заклучно 2015 година, односно за фуражни култури, житарици, ориз, градинарство, овошни насади, лозови насади, говеда, несилки, млеко, органско производство и рурален развој. Во рамки на исплатената сума се и 364 милиони денари субвенции за 2016 година за млеко и оризова арпа“, се вели во соопштението од министерството за финансии.

Парите се веќе на нашите сметки, потврдуваат земјоделците од струмичкиот регион за Алфа. Велат дека исплатени им се субвенциите за 2015-тата година. Но веруваат дека ќе ги добијат и парите за минатата година, бидејќи истите и законски им следуваат  

Инаку, Уставниот суд минатата среда одлучи дека не постои законска пречка за исплата на земјоделските субвенции. Односно, поведе постапка за оценување на уставноста на еден член од Изборниот законик и уште еден од Законот за спречување на корупцијата. Тоа значи дека донесе времена мерка со која се овозможува исплата до донесување на конечна одлука од судот. Земјоделците парите од субвенциите ги чекаа 7 месеци. Треба да добијат околу 95 милиони евра за 2016, но и пари за 2015 и за 2014 година. 


Елена Ставровска - Севриевска