Македонија

Ученици од средните стручни училишта ќе одат на пракса во фирми

Ученици од средните стручни училишта ќе почнат да одат по компании, за практично да вежбаат тоа што им го предаваат нивните професори. На ваков начин кога ќе завршат средно ќе знаат и можат знаењето што го добиле да го применат на пазарот на труд

17.02.2017 17:55:38
 Ученици од средните стручни училишта ќе почнат да одат по компании, за практично да вежбаат тоа што им го предаваат нивните професори. На ваков начин кога ќе завршат средно ќе знаат и можат знаењето што го добиле  да го применат на пазарот на труд. Со други зборови полесно ќе можат да најдат работа. Засега Министерството за образование одобри 54 вакви проекти кои главно се однесуваат само на стручните средни училишта,  каде се изучуваат струки за автомеханика, електротехника, машинска, земјоделско-шумарска. 

Еден од проектите кој веќе доби грант од Светска Банка во износ од 10 илјади евра е на Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски” кое воспостави партнерство со компанија за термотехнички инсталации  и системи. Па така учениците со оштетен слух и говор имаат шанса да научат како да ги инсталираат и одржуваат котлите на обновливи извори на енергија, клима уредите, сончевите колектори. 

Надлежните велат дека преку „Проектот развој на вештини и поддршка на иновации” државата се доближува до концептот Дуален систем на образование, кој постои во високо развиените земји, каде учењето преку работа е  основа во едукативниот процес на учениците. Компаниите пак, ќе создадат квалитетен кадровски потенцијал, за кој ќе знаат дека можат да го ангажираат. 

На јавниот повик на министерството пристигнале апликации за 110 проекти, од нив одобрени се 54 кои ќе добијат  неповратни средства од 5 до 20 илјади евра од Светска Банка.

Вероника Мароска Леова