Македонија

Ѓорчев: Нема да дозволиме Заев да ја украде победата, народот одлучи

Победата на ВМРО-ДПМНЕ е јасна и кристално чиста и Зоран Заев не смее да помислува на сценарија кои можат да ја дестабилизираат земјава, реагираше Влатко Ѓорчев по обраќањето на Заев.

13.12.2016 17:31:59
Победата на ВМРО-ДПМНЕ е јасна и кристално чиста и Зоран Заев не смее да помислува на сценарија кои можат да ја дестабилизираат земјава, реагираше Влатко Ѓорчев по обраќањето на Зоран Заев. 

Од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција посочија дека за тоа која ќе ја составува Владата не одлучува лидерот на опозициската партија, туку граѓаните. 

- За тоа кој ќе одлучува и кој ќе ја состави Владата не одлучува Зоран Заев, одлучуваат граѓаните на Република Македонија, преку слободна изразена волја. Народот гласаше, рече дека на прес-конференција членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев. 

Заев, кој како што кажа Ѓорчев, е убедливо поразен сака да ја украде победата на граѓаните и да стане победник.

- Народот одлучи, народот гласаше, Македонија гласаше. Нема да му дозволиме да ја украде победата на граѓаните и победата на Република Македонија, рече Ѓорчев.

Според него, лидерот на СДСМ на денешната прес-конференција се заканувал, кога апелираше до останатите партии да не коалицираат со Никола Груевски и да го слушнат гласот на народот.

- Нека води сметка дека се заканува на 453.000 граѓани на Македонија. Тие се народот, а тој гласаше и нема намера да му дозволат на Заев и грст луѓе околу него, да ја украдат демократски изразената волја на граѓаните на Република Македонија. Заев и тие околу него треба да знаат дека си играат со трпението и гневот на трпелив човек. Доколку некој се обиде да го украде тоа, трпението ќе премине во гнев, рече Ѓорчев.

Тој потенцираше дека изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ ја верификувале меѓународните инситутции, ДИК и останатите земји со кои Македонија има билатерални односи.

- Ни требаат честитки и сплотеност. Во други земји се честитала победа во САД, во Германија во Италија за минимални разлики а Заев не треба да ја турка Македонија во сценарио кое не е добро за земјата, дополни Ѓорчев.

Во оваа нивна лакрдија имаат намера да ја носат Македонија таму каде што никој не сака. ДИК пред сегашноста и пред историјата треба да има интегритет. Таа треба да има јасен став. Знаеме дека изборите беа кристално чисти. Ајде да се заврши и во европски манир да си честитаме и да престане ова сценарио за подривање и дестабилизација, порача Ѓорчев.

Борис Грујоски