Македонија

Децата често се жртви на малолетничките бракови

Малолетничките бракови, кои главно се склучуваат кај ромската и поретко кај албанската популација, влезени се во сивата зона помеѓу традицијата и правата на децата

05.10.2016 18:14:13
 Малолетничките бракови, кои главно се склучуваат кај ромската и поретко кај албанската популација, влезени се во сивата  зона помеѓу традицијата и правата на децата. Во отсуство на релевантни бројки, колку малолетници стапиле во брак без да бидат регистрирани од надлежните институциите, се јавува голем вакуум со отсуство на превенција и соодветно постапување. Ова беше речено на денешната трибина во Битола посветена на оваа сензибилна тема, што ја организираше здружението ``РОМА  С.О.С``. Според извршеното истражување, последиците се фрапантни, особено кон женската малолетничка популација.

- Детските бракови претставуваат еден од најгрубите начини на повреда на детските права и доведува до попречување на менталниот и физичкиот развој  кај девојчињата. Бројките покажуваат дека смртните случаи кај мажени и немажени девојчиња на возраст од 15- 18 годишна возраст е токму старосната граница - рече Лилјана Илиевска, државен советник во Канцеларијата на народниот правобранител. 
– Детскиот брак  резултира со три тешки последици врз животот на самите малолетнички, за кои на почеток многу не се размислува, меѓутоа, потоа доаѓа како ефект од самата таа одлука. Како што кажав, тоа е продлабочување на сиромаштијата, веднаш потоа следува семејното насилство, необразовано младо население имаме, како и малолетни млади мајки кои во континуитет се соочуваат со огромен број на пречки до пристапот на институциите и сите други права - рече  Несиме Салиовска, директор на НВО ``РОМА С.О.С.`` од Прилеп.

Според  истражувањата, анализите и сознанијата за оваа состојба, несоодветно е применета Конвенцијата за заштита на правата на децата. Исто така, на тркалезната маса на која учествуваа претставници на надлежните институции и на граѓанскиот сектор, беше посочено дека три закони се во дискрепанца со оваа проблематика- Кривичниот закон со член 197 кој не ја опфаќа старосната група од 16 до 18 години, Законот за средно образование со кој образованието е задолжително до 18 години , како и правните консеквенци поврзани со семејното насилство.

Петар Стефановски