Економија

МАТТО: Македонија и Турција имаат одлична економска соработка

Долгогодишната успешна соработка помеѓу Турција и Македонија треба да продолжи со исто темпо, велат од Комората, додавајќи дека трговскиот обем помеѓу двете земји само во првите пет месеци од годинава пораснал за 21,5 отсто во однос на истиот период

29.07.2016 18:55:40
Сите фабрики во Турција работат нормално, нема ограничувања при извозот и увозот на стоки и услуги, а вонредната состојба во земјата не ја забави економијата, велат од Стопанската комора на Македонија и Турција. Долгогодишната успешна соработка помеѓу Турција и Македонија треба да продолжи со исто темпо, велат од Комората, додавајќи дека трговскиот обем помеѓу двете земји само во првите пет месеци од годинава пораснал за 21,5 отсто во однос на истиот период лани. 

Обидот за државен удар од 15 јули најмногу го погоди туризмот, велат од Комората. Сепак, според нив, Турција останува број еден туристичка дестинација за македонските граѓани, особено поради евтините пакет аранжмани кои ги нудат туристичките агенции. Безбедноста во туристичките центри е на највисоко ниво, велат надлежните. 

Туристичките агенции од Македонија ги реализираат сите букирани аранжмани. Оттаму велат дека мал бил бројот на патниците кои по своја волја се откажувале од патувањето во Турција. Годинава тур операторите нудат екстра ниски цени за летување на турското крајбрежје, кои во екот на сезоната се движат од 140 евра па нагоре за 10 ноќевања. 

Биљана Божиновска